За родените пред февруари 2019 коса црта во матичниот лист?!

„Граѓанин на Република Северна Македонија“, ова треба да стои на местото за државјанство, во изводот на родени деца по февруари 2019 година, вакво известување добиле во Управата за матична евиденција во Куманово, се гледа од оваа фотографија која беше споделена на социјалните мрежи. Оние кои се родени, пред овој датум во изводот на местото државјанство ќе стои само коса црта. Ова важи и за венчаниците и за посмртниците. Документот до вработените во кумановската матична служба бил лиферуван до вработените на 18 јули

„Согласно конечната спогодба помеѓу Република Македонија и Република Грција… ве известуваме дека при вадење на извод од матична книга на родените, венчаните или умрените, во полето за државјанство треба да се пишуваат коси црти за лицата родени пред усвојување на Конечната спогодба и уставните промени, односно за лицата родени до февруари месец 2019 година. За оние лица кои се родени по февруари, во графата треба да стои Република Северна Македонија“. се вели во дописот од Управата.

За ова став побаравме прво во матичното Министерство за правда, под чија капа функционира Управата за матични книги. Оттаму не упатија директно во Управата, каде лицето за односи со јавност не беше достапно за коментар, оти била на одмор.

Инаку, во известувањето испратено на 17-ти овој месец од Дирекцијата на Управата за водење на матични книги до раководителите на подрачните единици, се вели дека во електронскиот матичен регистер се уште не била додадена опцијата со новото име. Оттаму им појаснуваат на своите вработени дека во секој ново издаден извод на родени, венчани или умрени пред февруари годинава, ќе мора да стои само коса црта.

Ова отвора дилема кај граѓаните на Македонија – дали сите оние што се родени пред Преспанскиот договор ќе бидат лица без потекло односно не ќе се знае на која земја и припаѓаат?

Биљана Божиновска