За разлика од Владата, Пендаровски остро ја осуди изјавата на португалската министерка
Претседателот Стево Пендаровски од Загреб остро ја осуди изјавата на португалската министерка за Европа дека македонскиот јазик бил дел од бугарскиот, на самиот крај на португалското претседателство. Според него, полошо од историчари кои се занимаваат со политика се политичари кои коментираат историски епохи. На прашањето на неговиот хрватски колега дали сме сеуште македонци – цврсто убеден истакна дека никогаш нема да станеме северно – македонци.
„Од историчари кои се бават со политика се полоши само политичари коои се обидуваат да толкуваат историски епохи. Јас навистина искрено жалам за погрешната изјава на португалската министерка која во суштина ги поткопа сите напори кои нејзиниот колега од истата влада, Да Силва, ги правеше месеци наназад за на крајот на тоа шестмесечно претседателство да излезе со одличен балансиран предлог кој водеше сметка за виталните интереси и на Македонија и на Бугарија“, рече Пендаровски.
Критики стигнаа и од Хрватска. Според шефот на државата Зоран Милановиќ, изјавата на Ана Паула Закаријаш е резултат на незнаење и е крајно погрешно и неморално да се влегува во интимниот простор на националниот идентитет и јазик на една држава.
„Изјавата на португалската државна секретарка е резултат на незнаење и невнимание. Јас не сакам да бидам невнимателен во моите изјави, бидејќи можеби ќе и наштетам на Македонија. ЕУ одамна не е заедница на некои униформирани вредности, туку на некои сличности и што побргу тоа го сфатиме ќе одиме кон ЕУ. Ако не го сфатиме ќе одиме назад, бидејќи ЕУ има свои лимити до кои може да се оди. Сигурно не може да се оди над лимитите на националните држави“, рече хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
Пендаровски кој е прв гостин од почетокот на мандатот на хрватскиот претседател изрази благодарност за поддршката од Хрватска.
Хрватска е еден од најголемите поддржувачи на македонските евроинтеграции – ова го заклучија претседателите на Македонија и Хрватска по заедничката средба во Загреб, каде претседателот Пендаровски беше пречекан со сите државни и воени почести. Според Стево Пендаровски по португалското претседателство, останува да се надеваме на Словенија која е следен претседавач, за која верува дека ќе помогне Македонија да стане дел од европското семејство.
Адријана Алексиеска