За прв пат од осамостојувањето прогласена вонредна состојба во Македонија
За прв пат од осамостојувањето вонредна состојба во Македонија поради коронавирусот. Ваквата одлука на претседателот на државата Стево Пендаровски ќе биде во сила 30 дена, со можност доколку побара Владата да се продолжи на уште 30.. Шефот на државата упати и порака до политичарите од сите партии дека треба на страна да ги стават своите рејтинзи и заедно да се борат за заштита на граѓаните.
-Фактот што за прв пат од нашата независност прогласуваме вонредна состојба укажува колку е сложена ситуацијата во која се наоѓаме и колку е голем ризикот за сите нас. Од денеска извршната власт ќе има зголемени надлежности и ќе може да ги користи сите ресурси на државата. Владата ќе продолжи да функционира како техничка што значи дека во неа ќе продолжат да даваат свој значаен придонес и претставниците на опозицијата, изјави Пендаровски.
Пендаровски одлуката ја донесе откако претходно тоа од него го побараа техничкиот премиер Оливер Спасовски, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и шефот на владејачката СДСМ, Зоран Заев. Тој од Вила Водно порача дека не очекуваат тешки денови, но немал дилема во исправноста на одлуките кои ги носи. Испрати и порака до македонските државјани кои се во странство.
-Најпаметно е да останете во земјата во која сте додека трае, оваа состојба согласно препораките на СЗО. Доколку сепак се решите да се вратите дома, добредојдени сте, но притоа треба да знаете дека треба да ги почитувате сите мерки пропишани од надлежните институции, а тоа значи и можноста да бидете сместени во карантин, изјави Пендаровски.
Пендаровски се осврна и на сега веќе одложените предвремени парламентарни избори, порача дека тие ќе се одржат кога ќе помине кризата и кога ќе се создадат услови за одржување фер и демократски избори.
Матеја Петровски