За проверка на антитела на ковид-19 ќе се плаќа приватно, освен за исклучоци

Тестирање за антитела отсега само на приватно. Граѓаните кои денеска имаа имаа закажано термини за серолошки тест на Институтот за имунологија останаа пред врата по наредба на ФЗОМ, и беа приморани ако сакаат да се тестираат тоа да биде на нивни товар и да си платат 730 денари.

Институтот утрово соопшти дека согласно дописот од Фондот за здравствено осигурување, почнувајќи од вчера кај нив  нема да се работат тестови за концентрација на антитела на товар на ФЗОМ. „Оваа услуга ќе биде достапна и натаму само на товар на пациентите (приватно) и ќе чини 736 денари“, стои во соопштението.

Министерот Филипче се правда  дека станува збор за големи финансиски средства и дека ќе мора да се одредат  критериумите според тоа кои тестови за антитела ќе ги плака фондот. Тој вели дека сепак ќе има исклучоци.

„Ќе мора да се воведат категории за да не го прави секој тој тест, како на пример, дали лицето прележало ковид-19, дали треба индикација за вакцина и слично. Но, секако ќе дадеме одредени категории“, кажа министерот Венко Филипче.

Во меѓувреме Филипче по само 24 часа се предомисли за вакцините на Спутник кои ќе се произведуваат во Србија. Вчера кажа дека не ни се потребни нови нарачки на вакцини од Србија, која почна со производство на Спутник, ама преку ноќ го смени ставот и најави дека во вторник оди на разговори во Белград во посета на Инситутот „Тролак“.

„Ќе разговараме за повеќе важни теми во делот на нашата соработка и надвор од прашањата за вакцините, онаа соработка што ја имаме околу експертизата, нивни експерти во делот на гинекологија, неонатологија, кардиохирургијата, но, и за некаков стратешки план за набавка на вакцини од институтот . Во овој момент не ни се потребни, но гледаме како се одвива работата со пандемијата и сметам дека најлогично решение е институтот ‘Торлак’ да ни биде стратешки партнер во делот на набавка на вакцините понатаму“, кажа министерот.

Во однос на вакцинацијата во земјава, досега се вакцинирани 35.000 граѓани.Со вакцините на „Фазјер“ кои ќе пристигнат в понеделник ќе се продолжи со имунизацијата согласно возрасната група.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста