За пензионерите засега ништо од „планот за живот“ на СДСМ

Владините ветувања за подобар живот за пензионерите и повозрасните работници остануваат само на хартија.

Според предизборните ветувања, за кои сепак нема никакви рокови, жените над 60 и мажите над 62 години треба за иста плата, наместо по 8 да работат по 6 часа, државата да даде пензија за сите постари од 65, па дури и за оние кои немаат остварено услови, можност за предвремено пензионирање до 5 години пред остварувањето на правото на пензија.

Ова се само дел од ветувањата кои досега, на половина мандат на владата, не се остварени.

Меѓу другите проекти во „Планот за живот“ кои во него се повторени и по неколку пати стои:
„Ќе субвенционираме сместување во старски домови за пензионерите со ниски примања, без поддршка од семејството и без сопствен имот“

„Ќе воспоставиме пензионерски заедници, со организирано домување на стари лица во населби во кои домувањето ќе биде обезбедено по поволни цени, со лесно достапни медицински и други служби, со понуда на прехранбени продукти по поволни цени“
Од Министерството за труд и социјала, до почетокот на вестите, не одговорија на прашањата на Алфа, колку од ветеното веќе започнало да се реализира.

Наместо да добијат повеќе, пензионерите го губат и она што досега го имаа – во „формулата“ за зголемување на примањата повеќе не е вклучен растот на просечната плата туку само, на трошоците на живот. Ова буквално значи помало покачување секоја година кое во просек би било по околу 1%.

Министерката за труд и социјала се правда дека доколку не се направеле овие измени ќе морало да се зголеми старосната граница за пензионирање.

Лани просечната пензија во земјава изнесувала 14.421 денар, но дури 170 илјади пензионери имале пониски примања од просекот. Според последните податоци, 7.7% од пензионерите и покрај примањата живеат во сиромаштија.

Сања Трајковска Ставров