За Нова Година нема прослави и забави – угостителите бараат помош

Корона кризата и „новото нормално“ ќе ги остави угостителите со мали или скоро никакви приходи во претстојните новогодишни празници. Оваа година кафеаните, рестораните и хотелите најверојатно нема да организираат новогодишни забави и пречек на Нова година согласно мерките за заштита од пандемијата.

Ако досега декември беше месец со најголема заработка – оваа година за угостителскиот сектор ќе биде целосно загубен – алармираат од независната угостителска комора.

Од угостителската комора при Сојузот стопански комори не само што се загрижени за тешкиот период кој допрва доаѓа, тие и сега се соочуваат со низа проблеми на терен. Предупредуваат дека спроведувањето на четвртиот пакет мерки во пракса е многу потежок поради неисполување на одредени услови меѓу кои и бројот на вработени во угостителските објеки. Дополнителен проблем претставува и тоа што ноќните клубови не беа опфатени со ниедна мерка за помош.

Имаме сериозни проблеми на терен, нормално и тоа што нема да има предновогодишни прослави дополнително ќе ја отежни работата, и сите ние сме свесни дека ова нема да заврши скоро и дека треба посериозна помош, дека веќе од јануари со новиот буџет треба посериозно да се пристапи за помош во нашите сектори – вели Мартин Ангеловски од Угостителската комора.

Од Агенцијата за промоција на туризмот пак се оптимисти дека може да се спаси туристичкиот сектор претстојната сезона, оти доколку нема предновогодишни забави, граѓаните ќе ги посетуваат туристичките места во земјава.

Очекуваме нашиот туристички сектор да подготви аранжмани за новогодишните празници и за претстојната зимска сезона, а МЗ да изготви специјални протоколи за ски – центрите со што поголем број домашни и странски туристи да ги посетат нашите туристички центри – вели директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Љупчо Јаневски.

Во последниот месец од годината, голем дел од рестораните организираат прослави, а за нивно спроведување фирмите трошат повеќе од 20 милиони евра. Поради ова, Независната угостителска комора започнува кампања „Инвестирам за да помогнам на угостителската индрустија“ со која ќе ги поттикнат фирмите дел од својот планиран буџет за забави, да го донираат во еден од најзагрозените сектори. Според нив, овој бизнис е оставен на времето и полека ја губи битката со пандемијата.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста