За граѓаните анти ковид мерките на Владата се дискриминаторски, за лекарите задоцнети

Квази, шизофрени и дискриминаторски – вака граѓаните ги коментираат последните анти ковид мерки на Владата кои стапија на сила вчера. Реагираат дека мерките кои го ограничуваат движењето на невакцинираните се лошо осмислени, бидејќи нивна единствена цел е да се натераат граѓаните да се имунизираат и покрај тоа што не го планирале тоа. За ова вчера зборуваше и министерот за здравство, Венко Филипче.

„Сите мерки се димензионирани да се зголемува опфатот со вакцинација и да се спречи ширењето на вирусот“, рече Филипче.

„Јавноста пак алармира дека дел од мерките се многу задоцнети, особени оние кои ќе треба да се имплементираат за влез во земјава, а ќе почнат од 1ви септември. Се што донесовте донесовте со задоцнување! PCR тестови на граница требаше да барате од пред 20тина дена… вие донесовте одлука која ќе важи од 1ви септември?!? До 1ви септември никој нема да сака да влезе во Македонија затоа што ќе имаме купишта новозаразени дневно. За жал, донесовте мерки кои се задоцнети и неадекватни. Што е со автобускиот превоз, со фабричките хали и сл? Моловите од друга страна се голем простор, со современа и солидна вентилација, каде посетителите мораат да носат маски и каде може да се контролира густината на посетители по м2. За што ви се сертификатите за вакцинација? Не дека сум стручњак на темава, ама глупоста и задоцнетоста на меркиве е како кинескиот ѕид… од вселена се гледа!“, пишуваат корисниците на Фејсбук.

„Зошто да не може на било каков настан, покрај другото,да се оди со негативен PCR тест, па коj сака нека повели?“, коментираат граѓаните.

Дека мерките се задоцнети алармираа и докторите, кои уште на стартот од летото бараа од надлежните итно воведување на контролиран влез на границите за сите патници кои влегуваат во Македонија.

„Парцијална е мерката како и на жалост и повеќето од мерките што се носат, а особено ме загрижува тоа што е задоцнета. Во ситуација кога имаме масовно неконтролирано ширење на вирусот, за кратко време ќе биде доминантен и овој делта сој, апсурд е да двоиш вакцинирани од невакцинирани. Што ако примиме во локал еден вакциниран пациент кој што е позитивен за што и не е свесен, бидејќи во првите два три денови имаме и асимптоматски преносители ќе се случат многу поголеми трагедии. Според мене требаше многу порано да се преземат други мерки како контрола кој се влегува во оваа држава и со каков здравствен статус?“, вели матичниот лекар Ненад Лазаров.

Во меѓувреме, мерките на Владата ги наполнија вакциналните пунктови. И во последното деноноќие прва доза вакцина примиле близу 12.000 граѓани, а вкупно се вакцинирале 17.000 граѓани. До сега во Македонија биле вакцинирани вкупно 624.819 граѓани. Целосно имунизирани се близу половина милион граѓани.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста