За филмските миленици на претходната власт имало пари од повеќе места
Томи Салковски, вториот човек на Друштвото на филмски работници, бил еден од главните тендераши на владата на СДСМ и ДУИ. Како еден од најфинансираните продуценти, за време на претходната власт, од државни тендери, Салковски заработил безмалку 51 милиони денари, односно скоро 830 илјади евра, народни пари.
На Салковски особено му тргнало по 2020та година, кога неговата продуцентска куќа, „Скопје филм“ студио, започнила редовно да добива тендери од Владата, национални установи, општини и културни центри.
За почеток, добивал по ситни суми, но, амбициите и апетитите за државни пари нагло ќе му се зголемат, па само лани, тој ќе ги фати тендерите за организирање на неколку државни манифестации по повод, Илинден, Денот на независноста, Денот на народното востание, Св. Климент Охридски, како и Денот на сесловенските просветители за што инкасирал најголем дел од вкупно заработеното на тендери, односно скоро 50 милиони денари.
Неговото име се појавува и на интернет алатката отворени финансии, каде може да се види дека на неговата сметка, неколку пати легнале државни пари, но, нема образаложение за што му биле доделени. Најмногу добил од Агенцијата за филм и од Град Скопје, нешто над 82 илјади ненари.
Истражувањата на ТВ Алфа покажаа дека Салковски бил еден од најфинансираните продуценти од Агенцијата за филм, во период кога оваа институција е под сомнеж дека нелегално раздавала народни пари. Продуцентските „Скопје Филм студио“, во сопственост на Салковски, заедно со „Црна Мачка“, во сопственост на неговиот внук, Кристијан Буровски, од Агенцијата за филм добиле финансиска поддршка од 223 милиони денари. Имајќи предвид дека од овие пари, 7% одат лично за продуцентите, нивната лична заработка од државниот буџет преку филмскиот фонд, се проценува на повеќе од 15 милиони денари.
Салковски заработувал и од манифестациите во организација на ДФРМ, а платени од државата. Па така, за организација на филмската ревија „Златна рамка“, само во 2020та година, на сред пандемија тој заработил 132 илјади денари. Манифестација за која министерството за култура утврдило дека постоел судир на интереси, кога им се доделувале пари.
Никола Цветкоски