За февруарската плата до сега само ветувања од власта: Неопходниот закон ќе поминел во Собрание следната недела

Субвенции за исплата на февруарска плата ќе има. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи уверува дека законот за финансиска поддршка кој е закажан за собраниска расправа следната седмица ќе биде донесен. Вели време за политика ќе имало понатаму, а не сега кога е во замав здравствената криза. Освен платите, „зелено светло“ во собранието чекаат и другите мерки од 5-тиот, но и од претходниот пакет помош за стопанството.

Колку изгуби македонската економија поради тоа што Владата доцни со вакцинацијата на населението се уште не се знае. Ефектите ќе се мереле по одреден период – вели Битиќи. Владата засега не размислува да го врати на мала врата прогресивниот данок. Вицепремиерот останува на ставот дека треба да им се помогне на бизнисот и граѓаните. но дека промената на даночната политика во овој момент немало да го намали јазот меѓу побогатите кои стануваат се побогати и сиромашните на кои само им се влошува ситуацијата.  

Во исчекување пратениците да ги усвојат владините мерки, меѓу другите се и извозниците. Тие се надеваат дека ќе помине законот за фонд за поддршка на извозните компании, додека законот за државна гаранција треба да им помогне во наоѓање нови пазари во време на криза. Анализата, пак, на економскиот институт Фајненс Тинк, покажува дека намалувањето на царините може да ги зголеми инвестициите до 25%. Странските инвестиции лани беа катастрофални. За една година биле вложени едвај 240 милиони евра.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста