За две години 32 лица починале од грип, од Ковид-19 за 24 часа деветмина

Во едно деноноќие во земјава никогаш не се случило да починат 9 пациенти од сезонски грип. Статистиките на ИЈЗ покажуваат дека во последните две години, вкупно 32 пациенти починале од грип, но не во период од неколку дена, туку во текот на целата сезона. Лани имало три жртви, од Скопје, Кочани и Пробиштип, а претходната 2018 година починале 29 пациенти – сите со претходно дијагностицирани хронични заболувања.

Ваквите податоци, пак, покажуваат колку поразорен и поопасен е корона вирусот од сезонскиот грип иако голем дел од граѓаните тоа не сакаат да го прифатат.

Сезоната на грипот е одамна помината, велат доктори, кои целиот работен стаж го минале лекувајќи грипосани пациенти. Според нив, грипот коси во периодот помеѓу јануари и март, а во пролетните месеци пациентите се жалат само на настинки.

„Има пациенти кои идат со некакви грипозни симптоми ако се избањаат па клима уклучат директно да им дува, изеле сладолед па добиле температура, треска. Значи самиот пациент се довел во ситуација да не се грижел доволно за своето здравје, па да дојде до настинка. Не е карактеристично, најчесто грипозни состојбви имаме во периодот од 15 Јануари па до крајот на Февруари и крајот на Септември до средината на Октомври. Тоа се периоди во кои што со години се јавуваат некои сезонски типови на грипови“, вели доктор Лилија Чолакова Дервишова.

Епидемиолозите сепак признаваат оти грипот годинава задоцнил, па пикот наместо вообичаено во јануари се случил еден месец подоцна кога биле регистрирани дури 15.000 болни. Но, тогаш пак во земјава се уште не се правеа тестирања за новиот корона вирус, па останува дилемата дали дел пациентите дијагностицирани со инфлуенца, сепак имале Ковид 19.

Според податоците на ИЈЗ, годинава имало голем број заболени од грип, над 32.000 што во споредба со претходната сезона е пораст од дури 54 отсто. Последните 11 случаи на болни со симптоми слични на грип во земјава биле дијагностицирани на почетокот од мај. Оттогаш нема нови случаи.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста