За ДУИ важно само албанскиот победник да биде на власт- дали повторно поразениот ќе составува Влада?

За ДУИ било важно само победникот кај Албанците да биде дел од Владата. Дали по парламентарните избори на 12 април, победник со победник ќе бидат дел од власта или можеби повторно Влада ќе формира поразената партија во македонскиот политички блок? ДУИ упорно велеше дека е за принципот победниците да коалицираат, но сепак истиот го прекрши, кога коалицираше со СДСМ после минатите парламентарни избори. Портпаролот на интегративците, Бујар Османи, одбегна да одговори дали можеби повторно губитникот на изборите ќе формира Влада.

-Мислам дека една грешка е направена 2006-2008 кога во Влада влезе партија која не ја претставува волјата на Албанците и тоа предизвика длабока политичка криза, брзи предвремени избори, блокирање на Собранието. Затоа што системот после Рамковниот договор, не препознава поинаку преставување освен на тој што ја претставува волјата на Албанците. Тој што ќе победи кај Албанците, тој ќе ги претставува Албанците во Владата, изјави Османи.

За коалициите кои би дошле по изборите веќе се размислува во сите партии. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, вели не е важно која ќе биде партијата, важна била програмата.

-Ако тие програми без разлика на која политичка партија, се допрат со програмите на ВМРО-ДПМНЕ и обратно, не треба тоа да биде еднонасочна улица. Сите политички партии ако добро ме слушнавте доаѓаат во предвид, вклучително и политичката партија ДУИ, изјави Мицкоски.

Во јавноста гласно се говори за можна предизборна коалиција на СДСМ со ДПА и БЕСА. Лидерот на партијата, Зоран Заев, потврди дека таква опција е реална.

-Со ДУИ ги решивме крупните политички прашања, а ние сме единствена партија која има спектар на избор за соработка со албанските партии, така што очекувам дека ќе најдеме сили првпат да направиме предизборна коалиција со партии од албанскиот блок, изјави Заев. 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак вели дека не знае ништо за можно коалицирање на СДСМ со партии од албанскиот блок.

-Не гледам ништо во тој сојуз, затоа што не знам ништо за тој сојуз, кусо одговори Ахмети запрашан за можните коалициски комбинаторики на СДСМ.

Инаку, токму ДУИ по минатите парламентарни избори го прекрши принципот зад кој самата стоеше, дека во власта мора да бидат победничките партии од македонскиот албанскиот политички блок, коалицирајќи со поразената СДСМ. На парламентарните избори во 2016 година иако победник на изборите со 51 пратеник во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ стана опозициска партија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста