За Бугарија Гоце Делчев пред повеќе од 70 години бил Македонец

„Oд сега натаму ќе почива во Скопје – главниот град на земјата за која тој го даде животот“. Вака во 1946 тата година бугарските медиуми известија за процесот на префрлање на моштите на Гоце Делчев од Бугарија во Македонија.

Делчев на денешен ден во 1903 бил убиен од турската војска во селото Баница, на пат кон Сер. По неговата смрт, на иницијатива на началникот на серскиот гарнизон Тефиков, била дадена наредба неговото тело да се однесе во серската општина и таму да се погребе. Но, и од Солун била испратена заповед телото на Делчев да се врати во селото Баница и таму да биде погребан. Три години подоцна, моштите на  Делчев биле откопани од страна на неговиот соборец Михаил Чаков и ставени во олтарот на црквата во селото Баница, а во 1917 година тој самоиницијативно ги пренел во Софија. Ги чувал во неговиот дом  до 1923 година. По ослободувањето на Македонија, моштите на Делчев ставени во специјален резбан саркофаг, на кој била испишана пораката „Го заколнуваме поколението, овие свети коски да се однесат во престолнината на слободна и независна Македонија“, ги презела Илинденската организација. Потоа саркофагот со останките бил изложен во црквата „Света Недела“ во Софија. Илинденската организација во Софија повеќе од четврт век ги чувала моштитe на Делчев, сè до октомври 1946 година.

во договор меѓу македонската и бугарската власт во 1946 година, моштите на великанот тргнале на патешествие од Софија кон Скопје. на 10 октомври пред 74 години во црквата „Свети Спас“со сите државни почести и пред повеќе илјади граѓани од цела Македонија, биле положени моштите на најистакнатиот македонски револуционер.

Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста