За бришење на каматите и отплаќање на долговите на рати ќе почекаме 5 месеци

Граѓаните ќе почекаат на отпис на каматите и плаќање на главнината на долгот на 12 рати кон јавните претпријатија. 5 месеци ќе трае целиот процес, откако законските измени ќе поминат во собрание. Но дали оваа мерка ќе создаде нов метеж и потенцијална ковид закана врз здравјето на населението? Луѓето нема самите да аплицираат за отпис на каматите. Вицепремиерот Битиќи вели јавните претпријатија и институции поединечно ќе ги повикуваат граѓаните во своите простории, но и дека протоколите треба да бидат испочитувани.

Отписот на каматите ќе се пресметува за долгови за комунални услуги до ноември минатата година. Битиќи уверува дека простор за манипулации ќе нема и ќе се избегне масовно неплаќање кон јавните претпријатија и покрај тоа што и претходно имаше циклуси за отпис на разни долгови, па дел од несовесните граѓани стекнаа пракса да не ги подмируваат обврските, со надеж дека во иднина тие ќе им бидат простени.

Се уште не е јасно како Владата пресмета дека ќе се отпишат камати на долгови кон јавни претпријатија во вредност од 30 милиони евра. Само скопски „Водовод“ ја побарува оваа сума по основ на камати од должниците. Дел од претпријатијата реагираат дека не очекуваат мерката во целост да резултира со отпис на каматите и целосна наплата на главнината, затоа што голем дел од обврските биле стари и ненаплатливи по разни основи, а фирмите затворени. Вчера премиерот ги повика и приватните компании како ЕВН, БЕГ, кои обезбедуваат комунални услуги да им помогнат на посиромашните и да ја им ја понудат истата опција како и државните претпријатија. Дел од нив, во минатото имаа вакви акции – простуваа камати и овозможуваа плаќање до 12 рати.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста