Вучиќ: Полициски час од петок до понеделник, забрана на јавни собири

Српскиот претседател Александар Вучиќ попладнево се обрати до јавноста по повод формирањето на новата Влада на Република Србија, продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина и плановите за сузбивање на епидемијата на ковид-19.

– Денеска од почетокот на епидемијата од коронавирус во земјата е најтешкиот ден. Имаме 13 починати пациенти и веќе во овој момент имаме над 120 луѓе на респиратори. Ситуацијата е алармантна во Белград, а сериозна е во 4 градови во Србија. Имав денеска разговори со д-р Кон во повеќе наврати, истакна Вучиќ.

– Од утре се забранети јавни собири на повеќе од 5 луѓе во затворен и отворен простор. Од петок се воведува полициски час до понеделник, а потоа ќе видиме рече Вучиќ и додаде: Секако ќе оставиме простор за сопствениците на домашни миленичиња да можат да излегуваат.

– Жал ми е што на време не ја ангажирав војска, можеби до ваква ситуација во Србија немаше да дојде, рече претседателот на Србија и додаде: „Војската го донесе потребниот мир и јас сум горд на начинот на кој луѓето се однесуваат кон нив“.

Вучиќ соопшти дека службите мораат да го избегнат судирот меѓу вирусот и сезонскиот грип кој ќе следи во блиска иднина и најави дека околу два милиони лица ќе бидат вакцинирани против грип, а како групи ги наведе: медицинските работници, војската, административците, децата и сите лица со хронични заболувања.

На прес-конференцијата српскиот претседател апелираше на внимателност и укажа дека од 1 ноември се очекува најголемиот бран на вирусот.

Вучиќ рече дека во моментов во Србија има 4.000 хоспитализирани пациенти. Додаде дека ситуацијата во главниот град е критична и апелираше до граѓаните да „не бидат себични“, бидејќи сега е неопходно да се зачува здравствениот систем на Србија, па затоа ги повика да ги почитуваат заштитните мерки и да бидат дисциплинирани.

Тој соопшти дека секојдневно се тестираат околу 9.000 луѓе и додаде дека во овој момент државата располага со 376 слободни респиратори. Како негова грешка, ја посочи армијата која не била веднаш ангажирана во Нови Пазар, а во своето дејстување била мошне ефикасна.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста