Вучиќ за разграничување, Албанија се заканува со обединување со Косово, Македонија бара излез од триаголникот

Дали Македонија повторно ќе ја плати цената на политичката трговија меѓу соседните земји? Србија, односно претседателот Вучиќ, не крие дека сака разграничување со Косово, додека од Албанија се погласно пристигнуваат најави за обединување со истото тоа Косово, доколку Тирана не добие датум за преговори и јасна европска перспектива. Во исто време и покрај веќе отвореното негодување на Владата, ЕУ упорно истрајува на идејата за доделување на датум во пакет со Албанија, која пак објективно заостанува во реформите, а една од најголемите противнички на проширувањето на ЕУ, Холандија официјално побара и враќање на визите за албанските граѓани, што е јасен сигнал за незадоволството од политиките на македонскиот западен сосед. Сепак, предупредуваат аналитичарите, Албанија има многу моќен сојузник на своја страна.

-Македонија на некој начин е уценета со ставањето во ист пакет со Албанија за датумот за преговори. Тоа порано не беше пракса на Унијата, а ние треба да сториме се за ЕУ да го гледа одвоено исполнувањето на условите од страна на секоја земја. Но да не заборавиме дека зад Албанија стојат американските интереси и тие ќе направат се за Албанија да не заостане зад нас – вели во изјава за Алфа поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

Српско – албанскиот спор е последното големо прашање на Балканот кое мора да биде решено по македонско – грчкиот договор, кој меѓународната заедница веќе го нуди и како модел што треба да го следат Белград и Приштина. Иако овој проблем крие бројни ризици за регионалната стабилност, аналитичарите со став дека и Србите и Албанците користат главно димни бомби, а вистинското оружје е во други раце.

-Заканите од Приштина и од Тирана се обичен блеф, бидејќи тие нема да направат ништо кое нема да биде во договор со Вашингтон кој го моделира и контролира развојот на настаните. Ова е само испитување на нервите на двете страни, а никакви радикални чекори нема да се преземат – смета Никовски.

Бе оглед на тоа, експертската јавност е на став дека дури и да добиеме датум самостојно, а Албанија да извиси, не чека долг и мачен процес на преговори кој ќе трае можеби и 15 години, период во кој ништо нема да биде променето на подобро за граѓаните на македонската држава.

Драган Милосављевиќ