Вучиќ: Никој не ни нуди поделба на Косово, ништо нема да ни дадат

Никој не ни нуди ништо за Косово, ништо нема да ни дадат, Америка го призна Косово и бара независност и Америка нема да го промени својот став. Како Господ бог ве молам луѓе, слушнете ме што ви велам. Тие нема да ни дадат поделба, никој нема да ни даде ништо. Ако некој ни понуди нешто, јас тоа ќе го зграпчам! Јас нема да ве лажам како некои, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ пред новинарите на отворањето на ветропаркот во Мермер кај Ковин.

Одговарајќи на прашање за вчерашниот разговор во Белград со специјалниот пратеник на претседателот на САД, Ричард Гренел, тој додаде дека му треба време да размисли за овој разговор и да види што може следно Србија да направи. Само тогаш, истакна тој, ќе излезе во јавноста.

-Разговорот беше сериозен, отворен и одговорен и тоа е сè што можам да кажам, повтори Вучиќ во два наврати и продолжи: За разлика од другите политичари, не сум толку умен да можам да кажам големи приказни, сакам да помине одредено време и да размислам, да видиме што можеме да сториме за одредени теми и само тогаш да излеземе во јавноста.