Втора недела штрајк во училиштата и градинките, притисоците добиваат на динамика

Ниски удари и засилен притисок врз просветните работници. Вака започна втората недела од штрајкот во училиштата и градинките, откако СОНК го одби предлогот на Владата за 10% покачување на платите. Преговорите засега се чини дека се во ќорсокак. Иако притисоците се засилуваат, тоа нема да ги поколеба да истраат, велат проветарите. Според нив, исплатата само на придонесите додека штрајкуваат, што ја најави владата и обидот да се ангажираат заменски наставници, се притисоци кои не значат ништо, велат тие.

  • Тие ниски удари и тие закани што во текот на викендот и претходната недела ги трпиме, нема да не поколебаат. Кратењето на дневниците и заменските наставници не значат ништо. Прво се обидоа со заменски наставници , па видео дека не можат да се најдат такви луѓе. Со кратењето на дневниците, не знам по кој основ како ќе ги скратат кога ние сме 8 часа во градинка тука, изјави Мирјана Китановска, претседател на синдикална оирганизација при СОНК во ЈДГ „8 Март“ – Кисела Вода.

Во неколкуте клови на ЈДГ „8 Март“, од утрово се згрижени околу 200 деца. А, во клонот во Драчево, каде сите вработени штрајкуваат, за децата се грижат само 3 лица од  другите клонови на градинката.

СОНК остануваат на ставот за зголемување на платите за 18,4%, согласно растот на минималецот. Сметаат дека со оваа понуда од 10% ги понижуваат проветните работници. Велат штрајкот продолжува.

  • И денеска сликата е иста. Наставниците си одат на работа и си држат настава сами на себе. Еве конкретно, само тројца кои што ги згрижуваат сите деца во Кисела Вода кои се во моментот во градинката. Значи тоа е една голема бројка. Измешан состав и возраст на дечиња. Воопшто не се нивните воспитувачи или негователи, рече Лена Спасеновска Поповска- претседател на регионален одбор на СОНК за Општина Кисела Вода.

Штрајкот започна на 11 април. Ученичките клупи веќе втора недела се празни поради штрајкот на просветарите за поголеми плати на наставниот кадар. Тие ќе одат до крај.

Во меѓу време, првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, рече дека владиниот предлог е неприфатлив за над 95% од синдикалните организации, бидејќи, тоа не било доволно, но и не придонесувало за враќање на достоинството на професијата.

Борис Грујоски