Втор изборен круг во Македонија – гласаат болните, затворениците и лицата во изолација

Болни, изнемоштени, позитивни на корона вирус, лица во изолација, затвореници, жители на старски домови, денеска го остваруваат своето гласачко право во вториот круг од локалните избори. 5588 граѓани се пријавиле како немоќни да гласаат а членови од избирачките одбори во тие општини согласно изборниот законик ги посетуваат во нивните домови, како би го оствариле правото на глас. Екипата на Алфа посети избирачки места во Општина Кисела Вода. Откако членовите на избирачкиот одбор го примија избирачкиот материјал, извршија проверка и излегоа на терен.

И во првиот и вториот круг имаме ист број на лица, три изнемоштени лица, кои претходниот пат гласаа успешно. Процедурата е според правилниците на ДИК. Во посебни пликови се ставаат избирачките ливчиња, кои се лепат и се ставаат во гласачката кутија – вели Тони Тодоровски, претседател на избирачки одбор во Општина Кисела Вода во Пржино.

Во вториот круг, право на глас имаат и 376 лица позитивни на корона вирус,  1409 затвореници, а 266 гласачи се пријавени во  установите за вонсемејно згрижување. Од Државната изборна комисија велат дека гласањето се одвива без проблеми и пропусти.

Во вториот круг ќе се бираат градоначалници на 44 општини и на Град Скопје, а право на глас имаат 1.353.990 граѓани. Утре во 7 часот наутро ќе се отворат на 2.481 избирачко место. Од Државната изборна комисија уверуваат дека нема да се повторат проблемите со фингер-принт уредите а на располаѓање ќе бидат над 400 лица за техничка поддршка кои ќе може да излезат на терен доколку некаде има технички проблем.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста