Вртоглав раст на корона бројките – за 24 часа регистрирани се 74 новозаразени и двајца починати пациенти

Нови загрижувачки ковид статистики. Бројот на заболени секојдевно расте, а корона пандемијата не само што не стивнува како што се очекуваше, туку забрзано се шири во Македонија. Доктори предупредуваат дела ефективниот репродукциски број ја мина единицата, што значи дека едно заразено лице вирусот го пренесува барем на уште еден. Тетово, Скопје и Куманово се веќе актуелни жаришта, а полека се загреваат и Прилеп, Битола, Гостивар и Кичево. Професорот Дејан Трајковски од Битола алармира дека ваков раст на заболени во Македонија немало минатото лето.

„Ваков раст немавме минатото лето, но да не заборавиме, сега го имаме Делта сојот! Продолжува и растот на стапката на позитивни тестови, јасен показател дека заразувањето се шири низ популацијата. Засега ништо алармантно, но штом летно време имаме ваква преносливост, наесен ќе го видиме Делта сојот во ‘полн сјај’“, пиша на Фејсбук професорот Дејан Трајковски.

Тој вели дека она што загрижува се последните студии кои укажуваат дека невакцинираните граѓани многу тешко ќе куртулат од новите корона мутации. Според професорот оние што веќе го прележале вирусот и се вакцинирале може да бидат безбедни од повторна инфекција, а граѓаните кои или само прележале или само се имунизирале би можеле да се заразат, но болеста да ја минат со полесна клиничка слика.

„Кај непрележаните и невакцинираните ќе важи статистиката од пред вакцините – 80% асимптоматски, 10% лесни случаи на домашно лекување, 10% тешки на болничко лекување, а од нив за жал околу една третина ќе починат. Штета што мора да биде така, штом веќе постојат вакцини, но секој сам си ги бира шансите“, пишува Трајковски.

Во меѓувреме, новиот корона бран, во кој доминира индискиот сој, полека го зема својот данок. Болниците во внатрешноста повторно се полнат со пациенти, а црниот корона билтен во последните седум дена бележи дури пет смртни случаи. Меѓу нив, битката со вирусот ја загуби пациент од Тетово и покрај тоа што бил вакциниран со две дози од анти ковид вакцината.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста