Врнежите во Пелагонија надежни за земјоделците

Педесеттина литри дожд по метар квадратен што наврнаа во втората половина на февруари и во првата декада на март во Пелагониското поле, создаваат надеж дека ќе ги спасат поголемиот дел на есенските култури засејани со пченица, јачмен и `рж.

Сушното време од есенва и задоцнетата сеидба до средината на декември, неизвесноста ја продолжија и зимава со сушно време и без снег. Прашање е колкави се сега можностите, да се ублажи таа состојба.

-Ќе го искористат овој благодет од природата и ќе применат агротехнички мерки во функција на подобар принос и ќе извршат квалитетна прихрана. Недостаток има, но се надеваме дека и времето ќе не послужи и дека во наредниот период ќе продолжи ваквиот интензитет на врнежи- рече Љупчо Мојсовски, советник во Агенцијата за поттикнување развојот на земјоделието.

Во новачкиот дел наврнаа околу 30 л/м2 и земјоделците се песимисти.

-Овие дождови ништо нема да променат, зашто сушата и понатаму царува. Коренот на пченицата и јачменот, како и на другите есенски култури не може да дојде до влага и пчениоците си стојат како сега да се посејани- рече Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците на Македонија.

Првиот човек на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров, вели дека преорување кај житото посејано на дванесеттина илјади хектари ќе има и заради тоа е потребна помош за земјоделците.

-Сојзуот на земјоделците бара од Владата под итно да ги разгледа можностите, на тие земјоделци што ќе преораат, да ги помогне повторно со “зелана нафта“ или ќе даде некоја друга помош. Ние сметаме дека состојбите се многу тешки, оти иако се прораат никој не знае што да сее, а нема ниту откуп, ниту цена, ниту ништо- рече Тантаров.

При денешната обиколка, можевме да забележиме дека нивото на речното корито на Црна се зголемува, а од ХС “Стрежево“ велат дека во акумулацијата дневно почнаа да се влеваат по 300. 000 м3 вода и дека моментно се собрани околу 50 милиони м3 вода.

Малку ли е или многу, времето дорва ќе покаже.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста