„Врие“ во државните институции – меѓупартиските кошкања се пресликаа во министерствата

Врие во државните институции – на техничките министри и дополнителни заменици не им иде од рака да најдат заеднички јазик, па меѓупартиските кошкања „технички“ се пресликаа и во министерствата. Најбројни се оние во МВР. Работите стигнаа и до кривична пријава. Последна во низата кавги во овој сектор е наредбата за прекин на важноста на сите прераспределби на полициски службеници потпишани од Оливер Спасовски. Чулев тврди дека нема ништо спорно на неговата одлука, а дополнителната заменичка Славјанска Петровска најави оти ќе поднела кривична против министерот за внатрешни работи.

Помеѓу Чулев и Петровска нема договор ниту за новиот шеф кој ќе раководи со секторот за внатрешни работи на територија на град Скопје, а несогласувања помеѓу раководство во МВР има и за други прераспределби, а нема согласност и за возилата во министерството кои биле предадени на други институции. Процедурите секој си ги толкува на свој начин. А според Законот за Влада секој документ за да стане валиден, мора да има потпис од двајцата.

Па сепак, кавгите си продолжуваат и на ниво – партија, па им нема крај на реакциите и прес-конференциите за тоа што се случува во министерството за внатрешни. Секојдневно и едните и другите меѓусебно си се обвинуваат за криминал.
Според ВМРО-ДПМНЕ, криминалци се СДСМ.

Криминалот и криминалците се природна средина за Заев и Спасовски. Само со сомнителни ликови тие се чувствуваат сигурно бидејќи знаат дека со такви ќе може да се пазарат и договараат. Затоа Спасовски и Заев ги плашат законските смени во МВР. Затоа Спасовски и Заев си ја назначија Славјанка Петровска за заменик во МВР чија единствена задача ќе биде да ги штити криминогените ликови и да ја спречи професионализацијата на МВР. Впрочем Петровска нема ниту ден работно искуство во областа на безбедноста. Единствена додирна точка и беше седењето во шатор пред владата каде хулигани напаѓаа и повредија десетици полициски службеници. Заев, Спасовски и Петровска се во паника бидејќи веќе не може да се потпрат на услугите на Примислав Димовски кого си го назначија за началник на интервентната единица, изјави Орце Ѓорѓиевски , член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

За СДСМ, пак, ВМРО-ДПМНЕ е партијата што работела спротивно на законите.

-Времето на МВРО одамна заврши и не смее и нема да се дозволи контрола на партијата врз министерството за внатрешни работи, како што навикна ВМРО-ДПМНЕ за време на својот 11-годишниот режим. ВМРО-ДПМНЕ повторно и упорно ја манипулира јавноста со лажни вести и информации, а од друга страна кристално е јасно дека една политичка партија нема механизми за докажување на какви било злоупотреби, па ниту на злоупотреби на возила, велат од СДСМ.

Веќе десетина дена вријат страстите во највисоките структури во министерството за внатрешни работи. Ама не само во оваа институција, караници и опструкции има и во другите министерства. Па така, еден од замениците нема простории за да си ја извршува функцијата. Станува збор за дополнителниот заменик-министер Цветан Трипуновски, кој засега нема ни свое столче. Откако стапил на функција, вели не добил канцеларија.

Според логиката на нештата, исто ниво на меѓупартиски кавги, граѓаните ги очекува и во наредните 90-тина дена, додека трае и техничката влада.

Сања Трајковска Ставров 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста