Вработените во културата на штрајк

Кулминира незадоволството во културата. Откажани проби, претстави, кино проекции, концерти, изложби. Илјадници работници во овој сектор организираа предупредувачки штрајк во институциите и установите каде што работат. И покрај ветувањата дека конечно ќе се потпише колективниот договор во културата, тоа не се случи. Штрајкот пак предизвика синдикатите веднаш да бидат повикани на итен состанок во ресорното министерство. Иако имало договор за поголема сума за исплата на плати, од култура им понудиле повисоки плати од први јули, наместо од први јануари догодина.

„Мораме во најкус можен рок да направиме состанок на Советот на нашиот синдикат и се надевам дека до крајот на неделата ќе ја имаме одлуката дали прифаќаме од 1 јули веќе да стапат на сила новите уредувања на плати“, изјави Сања Арсовска, претседател на Синдикат на културата.

Ако не се постигне договор, синдикатите најавуваат радикализирање на штрајкот по новогодишните празници. Ниски плати, лоши услови за работа, без додатоци за работа на викенди, празници, ноќни смени, без регрес за годишен одмор. Ова се само дел од причините зошто вработените се решија на предупредувачки штрајк.

Колективен договор во културата не е потпишан 15 години. Вработените во културата и покрај нивелацијата на платите се уште се работници со најниски примања во јавниот сектор.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста