Вработен во затворот во Шутка тврди дека е отпуштен само затоа што бил активен член на ВМРО-ДПМНЕ

Вработен во затворот Шутка тврди дека добил отказ од политички причини. Љубомир Божиновски кој повеќе од една деценија работел во казнено поправната установа бил избркан од работа поради, како што вели, неговите активности во опозициска партија. Предупредува дека последниве месеци надлежните засилено работеле на бркање работници од повеќето институции оти биле членови на други партии.

Како што знам, од многу блиски луѓе, ова се случува во исто време во повеќе институции, буквално лов на членови на ВМРО – ДПМНЕ, и после проблемот е што оваа Влада иако ветуваше дека ќе ги врати младите во државава, изгледа дека на крајот сите ќе си одиме од оваа држава – вели Љубомир Божиновски.

Божиновски во затворот на почетокот работел како информатичар по што бил унапреден во виш полицаец. Тој кон крајот на минатата година бил обвинет од колега дека физички го нападнал, но според неговите тврдења, сведоците не го потврдиле тоа.

Комисијата донесе одлука да ме казнат парично 20% еден месец, после директорот ја менува одлуката во бркање, спротивно од комисијата. Причините беа дека сум го оставил оружјето на моето биро, тоа го направив бидејќи се спремав да си одам дома, тоа го правиме сите дека ние немаме соодветно место каде да го чуваме оружјето. Ова е дефинитивно монтиран политички процес со цел да се замолчиме и да не коментираме што се случува во државава – вели Божиновски.

Го контактиравме директорот на затворот Филип Андов кој вели дека Божиновски не бил избркат поради членување во одредена партија туку дека направил тешка повреда на службената должност.

Лицето Љубомир Божиновски од Скопје, НЕМА добиено отказно решение поради тоа што истиот е член на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Причините поради кои  добива Решение за престанок на работен однос е тоа што именуваниот на стражарно место наречено пријавница, несовесно и небрежно ракувал со службено огнено оружје-пиштол, со што истиот ја загрозил личната сигурност и сигурноста на другите вработени – вели директорот на КПУ – Скопје Филип Андов.

Божиновски ќе ја бара правдата на второстепена комисија за работен однос. Вели дека ја ужива поддршката од трите синдикати во затворот Шутка.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста