Вработен во Сејф сити: На камера во Чаир се гледа лице со седа коса и со брадичка, личи на осомничениот Палчо

Вработен во Сејф сити: На камера во Чаир се гледа лице со седа коса и со брадичка, личи на осомничениот Палчо

Вработен во Сејф сити (Безбеден град) денеска сведочеше како на камерите пребарувале за двете возила кои биле употребени при убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Тој тврди дека камерата во Чаир го снимила добро возачот на „рено кангу“, дека се гледа лик со седа коса и со брадичка.

Во Сејф сити добиле информација за запалено возило во Бразда и насоки од полицијата да побараат каде се движело тоа возило на 27 ноември 2023 година. Имале информација и за исчезнато девојче. Пребарувале снимки сѐ до моментот кога исчезнатото лице од Велес не било поврзано со исчезнувањето на Вања Ѓорчевска.

– На 27 ноември 2023 година добивме дојава дека возило „рено канго“ било забележано со „цитроенот“ и пребарувавме по камери во околина. На Качанички Пат не работела камерата, го баравме околу Бутел, на тие камери, но ни се изгуби кај „Веро“ во Чаир. Потоа го пребарувавме „цитроенот“. Го гледавме на 24 ноември 2023 година како се појавува од Маџари Триангла и оди на местото каде што живее девојчето. После тоа си оди. Потоа, на 27 ноември го видовме како оди од Бутел кон местото каде живее девојчето, а потоа кон Партизанска, Рузвелтова, Орце Николов, излегува кај Машински факултет, оди по 8 Септември и кон „Александар палас“, каде ни се изгуби кон Јадранска магистрала. На таа раскрсница има градежни работи и камерите не работеа. Претпоставувавме дека девојчето е во возилото, рече сведокот.

Тој додаде дека „реното канго“ на 27 ноември го нашле во Бутел, ама „реното“ не дошло пред зградата, туку отишло кон „Александар Палас“. „Цитроенот“ бил виден на три камери.

–Камерите што го снимиле „цитроенот“ се малку постари и не се со добар квалитет. „Реното канго“ во 9.40 часот после палењето на „цитроенот“ е снимено кај општина Бутел и кај „Веро“ во Чаир. На таа камера се појавуваат две силуети, возач и совозач. Личеше на осомничениот, не сум сигурен. На другите камери не се забележуваа силуети на лица во луѓето, рече сведокот.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста