Воздухот загаден, Шилегов организира елка за гинис
Ден по големиот протестен марш на невладините организации кои протестираа за чист воздух, скопскиот градоначалник се правда дека не можел да присуствува зашто бил на службен пат. Иако Петре Шилегов не ги удостои младите со негова поддршка, вели дека знае оти тоа го прават неговите колеги од големите метрополи. Ако излегле повторно ќе им се придружел.
И токму поради закани, Шилегов ја разреши директорката на гимназијата „Никола Карев“ во Скопје, по објавената снимка каде што таа во холот од гимназијата се заканува на учениците ако излезат на протест. Тој рече дека нема да дозволи никој да им се заканува на децата, зашто тоа било нивно загарантирано право.
Ако не за протестот за чист воздух, градоначалникот сепак успеа да се врати од пат за да присуствува на настан за Гинис, кој градот го организира за најголема новогодишна елка во светот направена од луѓе.
– Заедно со скопјани се обидуваме да го срушиме Гинисовиот рекорд за најголема елка направена од живи луѓе. Благодарност до сите скопјани што учествуваа во оваа предновогодишна манифестација бидејќи идејата на сите ни е иста, а тоа е нашиот град да биде градот каде е направена најголемата жива елка во светот, изјави Шилегов.
Тој информира дека се направени дронски снимки од настанот, кои ќе бидат испратени и ќе се чека одговор.
– Направени се снимките тие ќе бидат пратени. Очекуваме деновиве да добиеме одговор дали успеавме да го срушиме Гинисовиот рекорд. Стариот е околу 4.020 лица. Ние таргетиравме 5.500. Не успеавме да ја стигнеме таа бројка, но во секој случај по она што го видов од дронските снимки, мислам дека успеавме да го надминеме рекордот. Да почекаме тоа да биде и официјално, рече Шилегов.
И додека градските власти се занимаваат со организации на настани од типот на Елка за Гинис, граѓаните негодуваат и критикуваат дека Скопје е премногу загаден. Токму и тоа беше клучниот мотив на учениците да излезат на протестен марш и да испратат порака дека повеќе не сакаат да живеат во ваква метропола.
Протестите ќе продолжат се до исполнување на сите барања. Не само во Скопје, туку и во внатрешноста. Граѓаните и денеска дишат загаден воздух во Скопје, но и во повеќе градови низ државата.
Борис Грујоски