Возачот на комбето е во струмичката болница, се уште нема резултати за коронавирус

Се уште не се знае дали има и втор заболен од коронавирус во Македонија. Резултатите од тестирањата на струмичкиот шофер кој го возеше комбето со кое од Италија допатува засега единствената заболена од Ковид-19 не се готови. Возачот пристигнал со останатите патници утрината на 26-ти февруари, но дури денеска се пожалил на кашлање и болки во градите. Веднаш бил пренесен во соба за изолација во струмичката болница. Министерот Филипче уверуваше дека возачот немал контакт со други лица во изминативе денови.
„Тој е спроведен е во болницата во Струмица, од тим со полна заштитна опрема и се наоѓа во изолација. Во зависност од тоа какви ќе бидат резултатите ќе се одлучи како ќе се постапува понатаму. Доколку тестот е позитивен тој ќе биде транспортиран да се лекува на Инфективната клиника во изолација, ако е негативен ќе продолжи да се лекува во струмичката болница, на одделение и не во изолација“ – рече министерот Филипче.
Засега единствена заболена со вирусот Ковид19 е 50-годишна жена која се наоѓа на Клиниката за инфективни болести. Надлежните велат дека таа е во стабилна состојба, нема дополнителни компликации и е во фаза на оздравување.
Како негативен се покажа и наодот на струмичанецот кој вчера се обрати до медицинските лица, жалејќи се на покачена телесна температура. И покрај тоа што тој се вратил во земјава на 22-ри февруари, дури вчера почувствувал симптоми на корона.
Во домашна изолација во Скопје и Струмица сега се наоѓаат 11 лица, 7 патници во комбето со кое се возела заболената од коронавирусот и 4 членови на нивните семејства со кои тие имале контакт 24 часа по влезот во земјава. Меѓу нив се наоѓаа и две деца на возраст од околу 4 години. Тие не смеат да излегуваат надвор од објектите кадешто се сместени, ниту пак да примаат посетители. 24 часа се под постојан медицински и безбедносен надзор. Храна и вода им доставуваат луѓе од Црвениот Крст.
Двајца бугарски државјани кои живеат и работат во земјава две недели ќе бидат во домашна изолација во Битола откако пријавиле дека биле во еден од регионите во Италија зафатени со коронавирусот.
Тања Попова