Вооружен грабеж на банка во Ѓорче – присутните во експозитурата преплашени

Ја легнале на земја и и држеле оружје на глава … сведочи пред камерата на Алфа, жител на општината Ѓорче Петров чија познаничка била присутна на грабежот кој се случи денеска во експозитура на НЛБ банка.

Според неофицијални информации три лица со автоматско оружје влегле во НЛБ банката во скопски Хром одзеле сума на пари, а потоа се качиле во автомобил и заминале во непознат правец. Грабежот се случил во тек на работно време кога во банката имало и клиенти кои сведочеле на ограбувањето.

Од банката велат дека нивни претставници се во постојан контакт со клиентите и вработените кои биле присутни во експозитурата, ставајќи ја нивната безбедност и нивното здравје во преден план.

Утринава во експозитурата Ѓорче Петров на НЛБ Банка се случи вооружен грабеж. Сите клиенти кои се затекнаа во експозитурата, како и вработените на Банката се безбедни и се во добра состојба. Паралелно, Банката соработува со надлежните органи за брзо и ефикасно решавање на случајот, како и утврдување на висината од направената штета, за што ќе ја известиме јавноста дополнително, наведуваат од НЛБ Банка.

Од МВР велат дека работеле на случајот и потврдија дека грабежот се случил претпладнево, но не дадоа конкретни инфомации колку пари се украдени од банката, со какво оружје е извршен грабежот како и во какво патничко возило заминале сторителите.

Претходно, последниот вооружен грабеж на банка се случи во април минатата година каде стропителите го запалија возилото со кое ги пренесувале парите.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста