Војска и полиција на Бошков мост, го држат дебарскиот карантин под контрола

Ниту влез, ниту пак излез за жителите од Дебар и Центар Жупа. Бошков Мост е последната точка до која се стигнува пред карантинот во кој се наоѓаат овие два града. Војска и полиција на крајот од мостот го држат карантинот под контрола.
Ова е последното место до каде може да се стигне пешки, оттука па на кај Дебар е забрането за движење.
Без застој оди и достава на храна и лекарства за отсечените граѓани. Камионите стигаат до границата на Бошков мост. Се прави целосна дезинфекција од припадниците на Дирекцијата за заштита и спасување на сите возила кои влегуваат и излегуваат од ова место.
– Сите возила ги дезинфицираме, се прави контрола на се, и за сега се е како што треба и во нормални граници, велат работници од дирекцијата за заштита и спасување.
Во Дебар се пропуштаат само возила кои носат храна за локални жители. Оние кои разнесуваа храна, но и средства за хигиена, за Алфа вели дека за сега се било како што треба.
– Носиме храна и си одиме, се е по план, велат возачите кои се обраќаа према Дебар.
Наидовме и на случајни минувачи кои одеа во посета на Дебар, но поради вонредната ситуација, тие беа вратени назад.
– Ние сме од Скудриње, место за паника нема, и сме само на поминување.
Преку видео порака се огласи и градоначалникот на Дебар. Рече дека препораките за карантин целосно не ги почитувале тамошните жители. Состојбата на безбедносен план ја оцени како добра, додавајќи дека не се забележани проблеми.
– Состојбата продолжува да биде сериозна бидејќи вчера потврдени се нови четири лица со коронавирус. Дел од пациентите со дијагностициран коронавирус добиваат лекарска помош дома. Медицинска екипа од епидемиолог и инфектолог постојано се на терен, а денеска се во Центар Жупа во откривање на евентални заразени од коронавирус, истакна Дука.
Информираше дека нормално се одвива снабдувањето со прехрамбени и други производи и медикаменти и оти преку Јавното комунално претпријатие „Стандрад” секој дом во градот ќе добие најлонски вреќи за отпад. Побара од граѓаните да продолжат со почитување на препораките на надлежните и да не излегуваат со своите деца на прошетки, посебно кај Дебарското Езеро и во паркот во населбата „Венец еден”.
Но сликата е малку поопуштена на неколку километри од Дебар, во непосредна близина на езерото. Таму можеа да се забележат рибари, кои се релаксираа на убавото време.
Според информациите на надлежните, и во Дебар и во Центар Жупа состојбата за сега е стабилна на безбедносен план, граѓаните се однесувале совесно и нема прекршувања на мерките во карантинот, со чест на исклучоци кои излегувале на прошетка, за што полицијата ќе почнела да казнува.
Борис Грујоски