VOA за Алфа:Авионската индустрија во САД е меѓу најпогодените од пандемијата

Со месеци, авиокомпаниите се обидуваат да ги уверат исплашените патници дека летањето е безбедно и дека нема да ги изложи на коронавирусот. Но, луѓето сè уште не се убедени бидејќи бројот на потврдени случаи во САД надмина 5.5 милиони оваа недела од кои над 173 илјади се починати.

Џејсон Баундс, кој 23 години работи како стјуард за „Делта Ерлајнс“, вели дека не видел ништо слично во целата своја кариера.

„Поминав низ САРС, птичјиот грип и сите други грипови, 11-ти септември. Мислам дека ова е полошо од 11-ти септември“вели Џејсон Баундс, стјуард во „Делта Ерлајнс“.

Експертите од индустријата велат дека воздушниот сообраќај е далеку од нормалното ниво иако најголем дел од рестриктивните мерки беа укинати пред неколку месеци.

Минатата недела бројот на луѓе што минуваат низ американските аеродроми повторно се намали, за прв пат од април.

Директорите на авиокомпаниите сметаат дека причина за ова е повторното зголемување на бројот на нови случаи.

„Без оглед колку време е потребно, ние секогаш ќе поминеме низ процесот на чистење и ќе се осигураме дека се исполнети спецификациите за тоа. И ако тоа значи дека ќе го компромитираме навременото заминување за нашите авиони за да бидат чисти, ние ќе сториме тоа.Ние сакаме да обезбедиме нашите клиенти и вработени да се чувствуваат безбедно кога доаѓаат на работа и на аеродромот, да знаат дека е чисто и дезинфицирано и дека ги преземаме сите мерки на претпазливост“ – вели Елизабет Дикинсон, Делта Ерлајнс.

„Делта“ неодамна воведе дополнителни здравствени проверки пред да им биде дозволено да се качат во авион на оние патници кои тврдат дека не можат да носат маска од здравствени причини.

Од „Јунајтед ерлајнс“ соопштија дека ќе го зголемат протокот на воздух преку системите за филтрирање за време на качувањето и симнувањето на патниците од авионот што треба да го направи почист од оној во рестораните и маркетите.

За да има повеќе простор помеѓу патниците дел од авиокомпаниите оставаат празни места меѓу патниците иако тоа е помалку од 2 метра социјално дистанцирање како што препорачуваат здравствените експерти.

Поради огромните загуби дел од американските авиокомпании ги охрабруваат вработените да се пензионираат порано за да ја намалат потребата за отпуштања во октомври кога ќе истече федералната помош што ја добиваат.

За Алфа од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста