VOA за Алфа: Се очекува Американскиот Сенат денеска да гласа за обвинението против Трамп

100 сенатори, по 50 од редовите на Демократите и на Републиканците, ги слушаат аргументите за и против отповикување од функцијата на поранешниот претседател. Многумина од нив и самите беа сведоци на немилиот настан на 6-ти јануари, кога беа принудени да се евакуираат

Судењето започна со прикажување на драматични снимки од насилниот упад кој резултираше со петмина починати.

Доналд Трамп е обвинет за поттикнување.

Кога ќе фатите некого во измама, смеете да постапувате по многу поинакви правила – истакна Доналд Трамп, поранешен претседател на САД.

Тој лажно тврдеше дека победил на изборите и ги повика поддржувачите да го спречат потврдувањето на резултатите во Конгресот.

Најсериозно обвинување за еден претседател на САД во американската историја – изјави Чак Шумер, лидер на мнозинството во Сенатот

Досега над 200 луѓе се обвинети во врска со насилствата. Дел од законодавците предупредуваат дека овој ден може во иднина да стане инспирација за домашен екстремизам и за злоупотреби на претседателската моќ.

Ова не може да биде иднината на Америка. Не смееме да имаме претседатели кои ќе поттикнуваат и мобилизираат насилство против власта и нашите институции зашто одбиваат да ја прифатат волјата на народот – вели Џејми Раскин, член на Претставничкиот дом.

Поради ова Демократите сметаат дека Доналд Трамп мора да се соочи со правдата иако повеќе не е на функцијата.

Претседателите не може да потпалат востание во последните недели и да си заминат како ништо да не се случило – вели Џо Негус, член на Претставничкиот дом.

За осудителна пресуда е потребно двотретинско мнозинство во Сенатот. Под претпоставка дека сите 50 Демократи ќе гласаат „за“, ќе бидат потребни уште 17 гласови од Републиканците.

Доколку е прогласен за виновен, сенаторите ќе гласаат уште еднаш за да одлучат дали ќе добие доживотна забрана да биде на федерална функција.

Одбраната на Доналд Трамп тврди дека токму ова е вистинската причина за, како што велат, политички мотивираниот импичмент.

Многу Американци овој процес го гледаат онака како што во суштина и е – шанса на група партиски ориентирани политичари да го елиминираат Доналд Трамп од политичката сцена и да обесправат над 74 милиони американски гласачи – вели Дејвид Шоен, правен застапник на Доналд Трамп.

Адвокатите на Трамп велат и дека тој нема никаква одговорност за нападот во Конгресот. Тие тврдат дека неговата реторика била дозволив политички говор кој е заштитен со Првиот амандман од Уставот.

Доналд Трамп е единствениот американски претседател кој по втор пат се соочил со импичмент. Тој ја одби поканата да сведочи и нема да се појави во Конгресот.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста