VOA за Алфа: Протестите во САД сè помасовни

Протестите низ САД траат речиси две недели. Илјадници луѓе во стотици градови секој ден се на улица и бараат да запре полициската бруталност и расната дискриминација.

Се започна овде. На местото каде беше убиен Џорџ Флојд.

За кратко протестите се проширија низ целата земја – на почетокот како да преовладуваше насилство и вандализам.Но повиците за мирни и достоинствени демонстрации по се изгледа вродија со плод.

Ајде да го промениме ова. Да го промениме. Да го правиме мирно, ве молам. – вели Теренс Флојд, брат на Џорџ Флојд.

Последниве денови собирите се се помасовни, но со се помалку инциденти.

Црните луѓе во оваа земја никогаш немале еднаква заштита пред законот. Никогаш. 

Џорџ Флојд беше убиен како животнo. Уморни сме. Ова е нормалноста. Тоа не е нешто ново. “ – велат демонстрантите.

Бруталноста на полицијата е голема општествена и политичка тема во САД.

Сугестијата на претседателот дека може да ја ангажира армијата внатре во земјата зашто законот му дава такво овластување, додава на комплексноста на ситуацијата. За ова има жестоко спротивставени ставови, но осудата на полициското насилство е со консензус.

“Ова е повик за будење на земјата. Има премногу случаи каде Афроамериканци умираат додека со под полициски надзор во навистина брутални околности. – вели Линдзи Грахам, сенаторка од Републиканската Партија.

Имаме прашања пред нас денес кои се од уставно значење. Дали нашиот правен систем во Америка е толку заразен со расизам што не може да функционира на начин кој е конзистентен со демократските вредности?” – вели Дик Дурбин, сенатор од Демократската Партија.

Голем дел од оние што овде протестираат веруваат дека расната дискриминација има многу длабоки  корени што завлегуваат 400 години во историјата на нацијата.

“Голем дел од проблемите се системски. Тоа се насобрани проблеми, во образованието, домувањето, правдата. Диспропорционални изгледи за црните луѓе постојат во оваа земја од нејзиното основање.” – открива Мет Менинг, адвокат, поддржувач на протестите.

“Она што му се случи на Флојд се случува секој ден во оваа земја, во образованието, во здравството и во секој сегмент од американскиот живот. Време е да станеме во име на Џорџ и да речеме ‘тргнете го вашето колено од нашиот врат” – открива Ал Шарптон, Национална мрежа за акција.

Според многумина САД се среде две епидемии истовремено – епидемија на расизам и епидемија на Ковид-19. Зголемување на бројот на заразени би била логична последица зашто за многумина е тешко да се борат против едната без да влезат во ризик да ја запостават другата.

“Ако дојде до зголемување тоа може да се случи за една до две недели по собирите. Вообичаено тоа е потребното време да заврши инкубацијата.” – вели д-р Мајкл Лин, професор за заразни болести од Универзитетот Раш.

Има обиди и за  алтернативни начини за протестирање –  како демонстрации во автомобили или симболично оставање на пораки по улиците, но ефектот е дискутабилен.

За подоцна попладнево, овде во главниот град на САД, е најавен досега најмасовен собир.

 

За Алфа од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста