VOA за Алфа: Корона пандемијата уште повеќе ја уништува животната средина во САД

Свеж воздух, ниски емисии на јаглерод диоксид и почиста вода – кога пандемијата ги погоди Соединетите Држави очекувањата беа дека ќе има позитивно влијание барем на животната средина. Сепак, сега станува очигледно дека коронавирусот има сосема спротивен ефект – намалено е користењето на јавниот транспорт за сметка на автомобилите а драстично е зголемено користењето на пластика за еднократна употреба.

Кога кон средината на март пандемијата ги погоди Соединетите Држави онлајн нарачките се зголемија за 240%. Милиони кеси, обвивки, шамивчиња, ракавици, маски, аеросоли секој ден беа испорачувани низ земјата. Како резултат на ова пластичниот отпад ги преплави градовите.

“Само во март и во април 2020-та, во врвот на пандемијата, на само една станица за отпадна вода видовме зголемување од 17 тона на шамивчиња, споредено со март и април минатата година кога немавме пандемија.”- вели Лин Ригс, Комисија за санитација на Вашингтон.

Употребата на пластични кеси исто така е драматично зголемена. Некои сојузни држави ја одложија имплементацијата на забраната за нивно користење бидејќи супермаркетите веќе не дозволуваат користење на торби донесени од дома за да се спречи ширењето на вирусот.

Експертите за животна средина велат дека ова е контрапродуктивно.

“Имаше истражување од универзитетот Џон Хопкинс кое вели дека во суштина од сите материјали Ковид-19 најдолго опстојува на пластика.” –кажа Џеки Нуњез, „Последната пластична сламка“.

И компаниите за рециклирање се соочуваат со проблеми поради падот на цената на нафтата.

“Рециклирачот има трошоци за собирање на отпадот и за преработка. Потоа ги продава рециклираните материјали, а нивната цена се утврдува врз основа на цената на нафтата. Кога нафтата поевтинува многу рециклирачи не се конкурентни.” – вели Том Заки, основач на „Тера сајкл“.

Еколозите велат дека секоја година во океаните завршуваат осум милиони тони пластика.

“Многумина беа алармирани зашто кога почнаа да бараат помали парчиња сфатија дека може да ги најдат на толку многу места.” – рече Никол Фаренфелд, Универзутет Рутџерс.

Според проекциите производството на пластика ќе се зголеми за 40% во следните 10 години.

Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека над 60% од Американците сметаат дека заштитата на животната средина треба да биде приоритет за Конгресот, но експертите се загрижени дека пандемијата ја турка екологијата кон дното на политичката агенда.

За Алфа од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста