„VOA“ за Алфа: Конгресот на 6-ти јануари ќе ги пребројува гласовите, Бајден се подготвува да стане претседател

Последниот чекор од уставниот процес за избор на претседател на САД ќе се случи во среда, на 6-ти јануари – пребројувањето на гласовите од Изборниот колеџ. Оваа постапка која вообичаено е само церемонијална годинава предизвикува особено внимание поради тврдењата на Доналд Трамп дека е направена изборна измама.

Џо Бајден знае што е следно на неговиот пат до Белата Куќа. Веќе го има изодено во два наврати. Најпрвин во јануари 2013-та.

Ги потврдувам сертификатите и броењето на гласовите од електорите во неколку сојузни држави за претседател и потпретседател на САД, вели Бајден.

И уште еднаш, на 6 јануари 2017-та, кога ја изврши уставната должност како потпретседател и ја предводеше заедничката сесија на двата дома на Конгресот на која се отвораат и пребројуваат електорските гласови од сите 50 сојузни држави.

Доналд Трамп од Њујорк за претседател на САД доби 304 гласови, изјави Бајден.

12-от Амандман на Уставот на САД ги опишува должностите на потпретседателот… Тој треба да ги отвори сертификатите од електорите по што започнува пребројувањето на нивните гласови.

Ова детално е опишано во закон од 1887-та кој е дополнет и кодификуван во 1948-та. Во него стои дека заедничката сесија на Конгресот на која се потврдуваат гласовите од Изборниот колеџ се одржува на 6-ти јануари во 13 часот.

Законот предвидува и дека членовите на Конгресот може да достават приговори, но тоа мора да биде во писмена форма и со потпис на најмалку еден член на Сенатот и еден член на Претставничкиот дом.

Дали приговорот е на писмено и потпишан од член на Претставничкиот дом и од член на Сенатот?, вели Бајден.

г. Претседател, приговорот е на писмено, потпишан од Член на Претставничкиот дом, но се уште не и од член на Сенатот, вели Бајден.

-Во тој случај, приговорот не може да се разгледа, вели Бајден.

Во 2005-та, втор пат во историјата, пребројувањето на електорските гласови беше прекинато кога еден приговор ги исполни овие услови.

-Дали Сенатор го потпиша приговорот?, прашува Чејни.

Сенатор го потпиша приговорот, вели член на Сенатот.

Приговорот доставен на писмено и потпишан од член на Претставничкиот дом и од Сенатор е во согласност со законот, изјави Чејни.

По ова двата дома на Конгресот одделно дебатираа, следеше гласање со просто мнозинство и приговорот беше отфрлен.

Тие мамеа и ги наместија нашите претседателски избори, тврди Трамп.

Во 2021-та, во време кога претседателот Доналд Трамп неосновано обвинува за изборна измама, токму неговиот потпретседател Мајк Пенс ќе треба да го прогласи победникот, во овој случај Џо Бајден.

Но, најмалку еден член на Претставничкиот дом, републиканецот Мо Брукс од Алабама и еден член на Сенатот, републиканецот Џош Хоули од Мисури, велат дека планираат да поднесат приговор за време на пребројувањето на гласовите во среда.

Сепак, бидејќи Демократската Партија има мнозинство во Претставничкиот Дом, повеќе од веројатно е дека приговорот нема да помине.

На изборите на 3-ти ноември Џо Бајден освои 306, а Доналд Трамп 232 електроски гласови. Откако во среда ова ќе биде и официјално потврдено, останува само инаугурацијата на новиот претседател кој функцијата ќе ја преземе на 20-ти јануари точно на пладне.

Од Гласот на Америка за Алфа, Никола Крстиќ во Вашингтон.