„VOA“ за Алфа: Бесплатно пиво за сите над 21 година за да се прослави независноста од вирусот во САД

Белата Куќа планира засилена кампања за вакцинација – до Денот на независноста, 4 Јули, да бидат имунизирани најмалку 70% од возрасните Американци. Во меѓувреме ќе се работи и на поддршка на земјите – партнери низ светот, 80 милиони дози ќе бидат поделени до крајот на месецов.

Животот во Соединетите Држави полека се враќа во нормала. Над 170 милиони луѓе се веќе вакцинирани, но има и такви кои се уште се двоумат.

Ако ја добиете првата доза оваа недела, можете да бидете целосно вакцинирани до 4 Јули, неделата од 4 Јули, и можете да го прославите Денот на независноста ослободени од страв и грижа, вели Џо Бајден.

Целта е за еден месец од сега да бидат имунизарни 70% од Американците. За да се поттикнат неодлучните властите најавија повеќе мерки – бесплатно згрижување на деца чии родители се вакцинираат, бесплатен превоз од и до местата за имунизација, а одредени сојузни држави воведоа дури и наградни игри.

Бесплатно пиво за сите постари од 21 година за да се прослави независноста од вирусот, вели Џо Бајден.

Достапноста на вакцини на домашен терен повеќе не е проблем, па Соединетите Држави се насочуваат кон помош на земјите низ светот. Белата куќа објави дел од планот за дистрибуција. Во наредните 30 дена ќе бидат испорачани 80 милиони дози – помал дел директно до поединечни држави, а поголем дел преку механизмот Ковакс.

Ова ќе го максимизира бројот на вакцини достапни еднакво за сите земји и ќе го олесни споделувањето со оние под најголем ризик, вели Џејк Суливан, советник за национална безбедност.

80 милиони дози секако ќе помогнат, но на светот му требаат милијарди за пандемијата да се стави под контрола.

Чекор во вистинска насока, но навистина само капка споредено со глобалните потреби, вели Вилијам Мос од Универзитетот Џон Хопкинс.

Експертите велат дека богатите држави треба да направат повеќе – да донираат вакцини, но и да помогнат во изградбата на производствени капацитети низ светот. А за тоа треба време.

Позитивно е што има и други вакцини кои се во фаза на развој и кои ќе помогнат да се задоволат светските потреби, сметаат експертите.

Нема да работиме само со сегашното портфолио на вакцини. Ќе имаме и нови вакцини. Се надевам дека ќе бидат безбедни и ефикасни како и постоечките, вели Мос.

Светската Здравствена Организација досега одобри вакцини од 8 производители, а за уште десетина се чекаат дополнителни податоци.

На глобално ниво досега се дистрибуирани над 2 милијарда дози од вакцините или околу 26 дози на 100 жители. Ова значи дека делумно е вакцинирано околу 11% од светското население, а целосно помалку од 6 проценти.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста