VOA: САД на свој начин се справуваат со короната – од Вашингтон за Алфа, Никола Крстиќ

Од полни плажи во Флорида до строги мерки во Њујорк…. Од отворени базени и кина во Тексас до наредба за седење дома во Мичиген – секоја сојузна држава е во различна фаза од укинувањето на рестрикциите.

Мислам дека ситуацијата беше тешка за многу локални бизниси – вели Мајкл Линк, менаџер на книжарница во Охајо

Мислам дека се преземаат соодветни мерки за претпазливост. Се чувствувам безбедно – вели посетител на ресторан во Јужна Каролина

Онаму каде мерките се уште се во сила, притисокот за нивно повлекување расте. Во повеќе држави има и протести.

Ние сме овде зашто сме Американци, зашто сме родени слободни а тие ни ја земаат слободата – изјави Фред Сутера, демонстрант од Масачусетс.

Нашите предци крвареле на оваа почва и тука сме за нив. Да ја зачуваме слободата за која тие се бореле – додава  Пем Фоли, демонстрант од Масачусетс.

Битката со коронавирусот има и политички бои – најголем дел од Републиканците притискаат за отворање, а од Демократите апелираат за внимателност.

Останување дома без престан не е решение за оваа пандемија. Нема доволно достапни пари за да им се помогне на оние кои страдаат поради затворената економија – изјави Ламар Александер, сенатор од Тенеси, Републиканец.

Претседателот е во иронична позиција. Очајно сака да се вратиме на работа и да продолжиме со нормалност, а одбива да го донесе најдобриот начин за тоа да се случи. Соодветно тестирање – вели Чак Шумер, сенатор од Њујорк, Демократ.

 Претседателот остави гувернерите да донесат поединечни мерки за своите држави како и што налага Уставот. Но, работите се покомплицирани. И окрузите односно општините имаат ингеренции да одредат дали ќе ги послушаат. Така, дури и во иста сојузна држава  има делови кои се отворени и кои се затворени.

Доналд Трамп неодамна изјави дека ова е најтешката одлука во неговиот мандат – кога е најдобро време за отворање на економијата. Деновиве се чини дека ја донел таа одлука.

Ќе поминеме одлично во Пенсилванија. Тоа е прекрасна држава. Треба да почнат да размислуваат за отворање. Многу луѓе си ја сакаат својата слобода и ќе ја добијат многу скоро – дециден е претседателот на САД, Доналд Трамп.

 Експертите, пак, предупредуваат – не смее да се брза – клучот за отворање на вратата е тестирање, следење, третирање и социјално дистанцирање.

Доколку некои области, градови, држави, што и да е, ги прескокнат протоколите без да имаат способност да одговорат ефикасно мојата загриженост е дека ќе почнеме да гледаме зголемувања кои можат да преминат во епидемии – изјави д-р Ентони Фаучи, Директор на Националниот институт за алергии и заразни болести.

И додека надлежните го бараат соодветниот одговор на кризата и балансираат меѓу јавното здравје и националната економија бројот и на заразените и на невработените се зголемува секој ден.

Од Гласот на Америка за Алфа, Никола Крстиќ во Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста