VOA: Пандемијата драстично ги промени потрошувачките навики на Америка

Пандемијата драстично ги промени потрошувачките навики. Американците прават залихи на храна и на други производи, но и се повеќе пазарат на интернет. Купувањето на полуксузни производи е речиси замрено.

Трговијата е економскиот сегмент кој прв претрпи удар од корона кризата. Истражувачите од консултантската фирма Калгари Партнерс велат дека однесувањето на луѓето нагло се промени.

Стив Луц, потпретседател на „Калгари Партнерс“

Првата промена се случи на почетокот на март, тоа го сметаме за фаза на препознавање. Потрошувачите се разбудија и си рекоа – нешто не е во ред овде, можеби би требало да направам залихи. Кон средината на март влеговме во она што го нарекуваме фаза два, а тоа е паничното купување.

Прометот во маркетите беше зголемен за 70 до 90% во однос на истиот период од минатата година. Се купуваа огромни количини храна зашто постоеше страв дека ќе ја снема.

Во април, кога луѓето се потсмирија и сфатија дека снабдувањето нема да биде проблем, настапи третата фаза која експертите ја нарекуваат карантинска. Многумина останаа без работа, па станаа внимателни при пазарењето – побарувачката на луксузни производи беше и се уште е во слободен пад.

Аналитичарите велат дека по укинувањето на ограничувањата ќе настапи четвртата фаза која ќе наликува на светската економска криза од 2008-та – куповната моќ ќе биде ниска што ќе има сериозно влијание на трговците.

Од друга страна пандемијата го поттикна пазарењето на интернет и готвењето во домот. Овој тренд најверојатно ќе остане.

Брајан Лич, претседател на „Ибота“

Само 4% од прехранбените производи беа купувани онлајн пред коронавирусот, сега тој процент е над 25, за само еден месец. Производите кои луѓето ги купуваа само во продавница почнаа за прв пат да ги купуваат и онлајн.

Кризата ги промени и шопинг листите на Американците. Луѓето се повеќе купуваат храна со долг рок на траење. Продажбата на супи е зголемена за 397%, на житарки и ориз за 386%, на конзерви за 377%, на лекарства за грип и настинка за 535%. Но, се зголеми и побарувачката на апарати за домаќинство кои ретко кој ги имаше во својата куќа.

Ник Рутли, „Вижуал Капиталист“

Како на пример машините за леб. Повеќето луѓе немаа машина за леб, па лесно е да дојде до зголемување од 600% кога луѓето одлучија дека самите сакаат да го прават лебот.

Експертите се согласни дека коронавирусот ќе има долгорочни последици и за купувачите и за продавачите.

Правењето залихи, пазарењето онлајн, готвењето дома – дел од навиките стекнати во пандемијата веројатно ќе останат и кога работите ќе се вратат во нормала.

За Алфа од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста