VOA: Американската економија тоне, Трамп оптимист – економијата ќе закрепне

Неверојатни 20.5 милиони луѓе останале без работа во април со што вкупната бројка надмина 33 милиони. За само еден месец стапката се искачи од 4.4 на 14.7%, највисока во последните 70 години.

“Дали да платам кирија, дали да платам сметки, дали да ги нахранам моите деца?” – вели американката, Шерил Муреј.

Со оваа дилема се соочуваат многумина. На американската економија и требаше една деценија да закрепне од светската економска криза, а сето тоа беше збришано од корона вирусот.

“Мојата сопруга е бремена со нашето прво дете… Очигледно сме загрижени за исплатите, но и знаете за тоа дали може да си дозволиме да имаме дете.” – вели Скот Варик, невработен.

Од друга страна Претседателот Доналд Трамп е оптимист – вели дека економијата ќе закрепне и дека следната година ќе биде „неверојатно добра на економски план“.

“Тој број ќе почне да се намалува во соодветно време, кога и да е тоа. На третиот квартал гледам како на многу важен зашто, како што реков, тоа ќе биде транзиција.” – изјави американскиот претседател.

Сепак, експертите се загрижени и сметаат дека ќе бидат потребни години да се надоместат загубените работни места.

“Ова е 10 пати полошо од било што што сме виделе во нашата генерација. Очигледно е сериозна причина за загриженост.” – тврди Бен Харис, економист од Northwestern University.

И непартиската Конгресна канцеларија за Буџет очекува стапката на невработеност да биде 9.5% на крајот на 2021-та година.

Федералната влада усвои четири пакети помош вредни речиси три трилиони долари. Дел од овие пари завршија директно кај граѓаните. Сите со помали приходи од 75 илјади долари годишно добија по 1.200 долари. Претседателот најави и дополнителна помош.

“Можеме да направиме работи. Преку извршни наредби или слично со што ќе помогнеме на многу луѓе, како одложувања. Може да одложиме различни плаќања.” – вели Трамп.

Сепак, дел од невработените се жалат дека се уште чекаат. И по речиси два месеца не го добиле ни надоместокот при невработеност.

Во меѓувреме, и покрај предупредувањата од здравствените експерти, дел од сојузните држави веќе почнаа со укинување на ограничувањата во обид да ги спасат своите економии.

Зачувување на јавното здравје или на националната економија – ова е дилемата со која се соочува САД во моментов.

За Алфа од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста