Во земјотресот во Турција загинаа 85 луѓе, тригодишно девојче спасено од урнатините

Повеќе од 85 луѓе ги изгубија животите  по силниот земјотрес што се случи во петокот, во турскиот град Измир. Дополнително, 962 лица се повредени во земјотресот, а повеќе од 740 жртви досега се успешно излекувани и отпуштени од болниците. Утрово позитивна вест соопштија властите, тригодишното девојче, Елиф Перинчек, било спасено од урната зграда, скоро 65 часа по земјотресот.

Спасувачките екипи продолжуваат да трагаат во осум други згради, за да се ублажат последиците од, како што потенцираат турските медиуми,  најсмртоносен во последните речиси десет години. Досега, 106 лица се извлечени од урнатините, при што продолжуваат активностите за пребарување и спасување.

Министерот за животна средина и урбанизација на земјата, Мурат Курум, изјави дека 58 згради се оштетени и уништени. Бидејќи студените временски услови влијаат на жртвите од земјотресот, Курум ги повика граѓаните да побараат засолниште во локалните гостински куќи.

Повеќе од 3.500 шатори и 13.000 кревети им се на располагање на преживеаните како привремено засолниште, пренесуваат медиумите.

За споредба, ова е најсмртоносниот земјотрес во Турција по оној кој во 2011 година го погоди градот Ван на истокот на земјата во кој загинаа над 500 луѓе. Земјотрес во јануари годинава уби 41 лице во источната провинција Елазиг.

Земјотресот со јачина од 6,6 степени, го стресе турскиот град  на 30 октомври со епицентар во Егејското Море, кај местото Сеферхисар во Измир.

Викторија Миткова

Поврзани вести