Во вторник треба да биде изгласан унгарскиот заем, СДСМ продолжува со обвинувања од партискиот штаб

Во вторник треба да биде изгласан унгарскиот заем, СДСМ продолжува со обвинувања од партискиот штаб

На СДСМ не и успеа да ги блокира парите од Унгарија. Откако претседателската на собраниската комисија за финансирање и буџет Сања Лукаревска не закажа седница во предвидениот рок, според деловникот, спикерот Африм Гаши го стори тоа и Законот експресно го помина првиот собраниски филтер, во матичната комисија. И покрај бројните негодувања за овој заем, пратениците на СДСМ не се појавија за активно да учествуваат во дискусијата и да ги образложат нивните ставови. Веќе следната недела за Законот ќе се гласа по скратена постапка. Најавите се дека тој ќе биде ставен на дневен ред во вторник, иако на интернет страницата на собранието се уште нема закажано седница за 17-ти септември.

СДСМ и денеска продолжи со обвинувањата за унгарскиот заем. Партијата тврди дека потеклото на унгарските пари е од Кина. Тоа, според, СДСМ, го потврдиле и еминентни странски медиуми, кои објавиле дека Унгарија всушност се задолжува по понеповолни услови кај Кина за парите кои и ги дава на Македонија.

„Зошто крие кое е потеклото на парите? Зошто крие дека Унгарија всушност се задолжува по понеповилни услови кај Кина за парите кои нас ни ги дава? Тоа е јасен сигнал дека тука има политички интерес. Покрај ова, законот изобилува со нелогичности, недоречености и многу непознаници. Не се предвидени јасни критериуми и механизми за распределба на позајмените пари, нема јасно утврден систем за контрола на трошењето на парите“, рече Кузеска.

Реакција од ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека СДСМ смислува вакви обвинувачки прес-конференции во недостаток на компас колку да се каже дека партијата се уште постои. Според нив, токму СДСМ била симбол за корупција.

„Небулозите за тоа дали биле кинески или афрички пари доволно е СДС да поседува елементарна писменост за да дознае. Ваквата состојба на тотална безидејност ја тера СДС да критикува само колку да критикува и постојано да употребува ќорфишеци. Ја разбираме кризата во СДС, но нема да дозволиме со себе да ја повлечат и Македонија“

Унгарската експорт – импорт банка треба да ни позајми 500 милиони евра , со три години грејс период и 12 години рок на отплата, со камата од 3,25%. Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати. За евентуални неповлечени средства , земјава ќе треба да плати провизија од 0,5% од заемот на годишно ниво.

Општините и бизнисот со нетрпение ги очекуваат унгарските пари. Компаниите ќе добијат кредити со каматни стапки пониски од пазарните, но ќе треба и да исполнат одредени услови. Обврската на компаниите е да инвестираат половина милијарда евра за да добијат половина од парите, односно 250 милиони. Преку овие вложувања, тие имаат обврска и да пбезбедат годишно најмалку 5.000 вработени и да остварат раст на производството 5% над стапката на инфлација која според последните пресметки изнесува 2,2%.

Општините пак со првиот јавен повик ќе добијат 100 милиони евра обезбедени со ребаланс на буџетот, а потоа и 250 милиони преку унгарскиот заем. Вчера, министерот за локална самоуправа Златко Перински, соопшти дека сите 80 општини аплицирале со вкупно 357 инфраструктурни проекти. Владата се надева на огромна градежна офанзива до крајот на годинава, која треба да ја поткрене реализацијата на капитални инвестиции во земјава, која во првите 6 месеци беше едвај 28% од предвиденото.

Кога го договори заемот, Премиерот Мицкоски објасни дека со Унгарија ќе има отворена рамка за финансирање. Тој и министерката за финансии во повеќе наврати потенцираа дека догодина Македонија треба да враќа и претходно направени долгови. Планот е Владата прво да се обиде да се задолжи преку меѓународните финансиски институции со камата до 3,2%, а ако тоа не успее, тогаш ќе се повлече и втората половина од заемот од Унгарија, односно, дополнителни 500 милиони евра на стартот на 2025 година.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста