Во време на полициски час се полнат дивите депонии

Во ек на пандемијата од Ковид 19, дива депонија во скопско Маџари претставува сериозна опасност за здравјето на граѓаните. Непосредно до нивните куќи таму секојдневно може да се забележи вистинска планина од смет, која и при најмал ветер завршува во нивните дворови.

Пред камерата на Алфа говореше Крсто Илиев, кој живее непосредно до депонијата. Вели проблемот се развлекува 3 години. Помош побарале од градоначалникот на Гази Баба, Борче Георгиевски, но од таму добиле порака дека општината е ненадлежна за оваа депонија.

-Ова не знам на кого со кој памет му текнало да дојде овде во сред град депонија да прави. Значи имаме голем проблем насабајле и навечер не можеш врата да отвориш, смрди, неред се прави, овие овде Ромите собираат хартија, а кога е поладно време палат и гуми, изјави Илиев.

И покрај што депонијата не е ниту оградена, тука ѓубре оставаат камионите од скопскиот Комуналец. Токму присуството на Алфа телевизија, беше проблем за обезбедувањето од ова претпријатие, кој влезе и во мала кавга со Илиев.

Иако во државата во тек е полициски час, во депонијата можеше да се забележи присуство на луѓе, иако тоа во моментов на сите им е забрането да бидат надвор од своите домови.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста