Во време на корона и во ек на земјоделски работи, во кривогаштанско со денови нема капка вода

Во 21-ви век и во време на светска пандемија, ова е секојдневието на жителите од неколку населни места во општина Кривогаштани. Тие со денови немаат капка вода. Лути се и гневни на локалните власти, бидејќи, како што велат, иако им биле подмирени сите сметки, а и многупати досега реагирале до надлежните, сепак ефектот бил нула.

Жителите од овие неколку населени места се корисници на водата од Регионалниот водовод „Студенчица“ и се последни на линијата, па со недостигот од вода се соочувале речиси секое лето. Ама, нивниот револт, особено е голем годинава. Уплашени се од Конавирусот, а освен тоа, тие сите се земјоделци, па водата, и без тоа им е насушно потребна.

Одговор за горливиот проблем побаравме и од в.д. директорот на Комуналното претпријатие, Љупчо Јанакиески. Тој се оправда дека станувало збор за дефекти во мрежата, на кои континуирано се работело, на што пак, селаните, кои самоиницијативно му се собраа пред Општината, бурно реагираа, обвинувајќи го дека не ја зборувал вистината.

Инаку, жителите од овие села, имаат и други бројни проблеми, особено со запуштената патна инфраструктура. Се жалат дека актуелниот градоначалник, Рубинчо Шефтероски, во изминативе години се појавил само еднаш, кога се посипувале со чакал 100-тината метри од само едно селско патче. И тоа било се’, разочарано раскажуваат мештаните.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста