Со возила стари по 30 години, стара опрема и недостаток на пожарникари – состојбата со противпожарните единици во земјата

Противпожарните единици кои во екот на сезоната  пожари со сите сили се борат со огнените стихии, кубурат и со пожарникари и со возила. На 30-те територијални противпожарни единици во земјава им недостигаат најмалку 536 пожарникари за да барем да го исполнат законски пропишан минимум.

Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје, следува Тетово, каде недостигаат 65 пожарникари, и Гостивар со 52 пожарникари помалку од законски предвидените. Не е подобро ниту во Куманово каде недостигаат 49 пожарникари. Во Битола има кусок од 32, а во соседен Прилеп од 26 пожарникари.

А и да има пожарникари, со што да ќе ги гаснат пожарите? Возилата за гаснење на огнените стихии се  со просечна старост од 28 години, а нив  ги имаме само 241. За споредба, истражувањето од пред точно све години покажа дека земјата тогаш имаше 220 возила, просечно стари 27 години. 

Што значи дека возилата што се набавени во меѓувреме не биле нови и не го „подмладиле“ противпожарниот возен парк во Македонија туку напротив, во текот на 2019 година противпожарните единици во земјава го зголемиле бројот на возила за 26, но нивната просечна старост изнесува дури 18 години.

Во меѓувреме од ланското истражување кое покажа загрижувачка состојба со противпожарните возила во земјава, со возила „на ново“ се стекнале само противпожарните единици во Прилеп  и тоа со две нови возила од 2019 година и во Демир Хисар со едно возило од 2017 година.

Најстари возила, во просек 35 години, и натаму има противпожарната единица во Кратово, која од лани до сега го проширила возниот парк, но сепак со стари возила. Со истата просечна старост на возилата од 35 години е и противпожарната единица од Делчево, а веднаш зад нив на третото место според просечната старост на возилата е Струмица, со 33 години. Со просечна старост на противпожарните возила од 32 години се Охрид и Крива Паланка, а просечно по 31 година се стари противпожарните возила на Куманово и Битола. 

Валандово и Струмица ги имаат двете најстари противпожарни возила во земјата и двете од 1966 година, односно стари по 54 години.  

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста