Во вчерашната полициска акција, приведени шестмина прилепчани, осомничени за недозволена продажба на разни видови дрога

    По вчерашната полициска акција во градот под Марковите Кули, а по претходно петмесечно следење, денеска се уапсени шест лица на возраст од 31 до 41 година. Осомничени се за недозволена продажба на разни видови дрога. Од Полицијата информираат дека освен што е приведена шестчлената група, вчера бил извршен и претрес на 16 локации, при што биле одземени три возила, џип, мобилни телефони, пари и дрога.

  „Во вчерашните приведени нема полициски службеници, но имаме веќе обезбедени докази за инволвираност, односно поврзаност  на полициски службеници со овие криминални структури и се разбира во наредниот период ќе работиме на тоа да има кривична одговорност и за нив“, – изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

   Апсењето на осомничените, помеѓу кои има сопственици и менаџери на познати локални угостителски локали, а кои биле помагани од полициски службеници, наместо да ги смири, како дополнително да ги вознемири прилепчани, бидејќи ова е проблем, за кој во Прилеп, веќе долго време гласно се молчи.

   „Јас сум сигурна и убедена дека луѓето, односно полицијата ги познава кои се тие луѓе, ама бидејќи тие нарко-дилерите имаат многу јака позадина зад нив, многу луѓе што ги држат, што ги крепат, мислам дека тоа е време што е премногу, премногу време поминато со оглед на тоа дека тие ги знаат кои се тие и чисто сумњам дека ќе бидат приведени сите“, ни изјави една млада прилечанка.

  „Како и сите работи што ни се случуваат во државава, ова е само еден популизам, а не реалност во сузбивањето на тие работи кои што ги имаме за жал и низ градот и ги знаеме, граѓаните ги чувствуваат. Гол популизам само…– ни рече еден повозрасен прилепчанец.

  „Не требало толку да се чека…Не знам искрено, ама ете, вмешани биле големи бизнисмени, значи имало полицијаци, така да можно е да е и политички...- рече помлада прилепчанка.

  „Секој втор граѓанин во градов, барем од помладава популација, значи од  мојава генерација е личност која што зема дали марихуана, дали други наркотични средства…“ – констатираше друга млада прилепчанка.

   Инаку, низ прилепската чаршија, уште од вчера, на големо кружат и шпекулациите дека вчерашните апсења биле некакво расчистување на сметки помеѓу луѓе кои биле блиски со актуелната власт.

 Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста