Во угостителски објект дозволен влез и за прележани од Ковид-19, но со поминати 45 дена

Под притисок на јавноста Владата попушти. Почнувајќи од понеделник граѓаните освен сертификат за вакцинација, во кафуле и на други локации опфатени со мерките, ќе може да влезат и со потврда за прележан ковид, но само првите 45 дена, сметајќи од денот кога оздравеле. Ова како најново од Охрид го изјави министерот за здравство. 

  • Да најавам едно дополнување околу мерките. Освен со бараниот сертификат за вакцина за најмалку една доза, за сите настани што се организираат на затворено или отворено ќе биде доволно да се приложи и потврда дека пациентот бил заболен од ковид во рок од 45 денови. Тоа се оние неопходни 30 дена да помине времето за вакцинацијата и 15-ина дена да се организира вакцинацијата, рече министерот Венко Филипче, кој беше во посета на Општата болница во Охрид.

И на само два дена пред стартот на новите рестриктивни мерки, речиси и никој не знае што треба да се прави од 16 август. Министерот за здравство рече дека ако било потребно, од понеделник ќе седнеле со угостителите да се договорат околу начинот на работа, иако тие алармираа дека имаат потешкотии да најдат редари, па затоа очекуваат дека од 16 август некои од угостителите ќе одлучат да затворат.

Освен во кафулиња и кафани, вакцинален сертификат ќе треба да имате ако сакате да одите и на базент, да престојувате во хотел или пак во игротека.

И додека се подготвуваат новите конфузни мерки против Ковид-19, грaѓаните кои од понеделник ќе бидат затекнати во објект без сертификат за примена вакцина ќе платат казна од 250 евра, а казната за угостителскиот објект се движи од 2.500 евра до 30.000 евра. Од понеделник контролите ќе бидат засилени. Дел од правнциите веќе реагираа дека пазарен нема надлежност да ги легитимира гостите во објектите ниту пак да прави увид во сертификатите за вакцина.

Сите затворени угостителски објекти, пак, нема да може да организираат прослави, а во отворените делови кои се со капацитет од 30 гости, ќе мора да има редарска служба, а присутните сертификат за примена барем една доза вакцина.

Што се однесува, пак, до рестриктивните мерки на границите за влез во Македонија, Филипче рече дека барем за сега не се размислувало за воведување на негативен ПЦР тест.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста