Во среде Мавровка расте зграда, ќе се урива ли објектот?
На местото на некогашното кафуле Фонтана во Мавровка, што се запали и згоре до темел, за време на полициски час пред околу 2,5 месеци, се гради „на големо“. Во обид да дознаеме што се случува, како се приближивме до работниците, така тие се повлекоа и престанаа да градат. Градежниот објект веќе не личи на кафуле туку на зграда на 2 спрата, а според тенденцијата изгледа уште ќе расте.
На лице место го побаравме телефонски сопственикот Мевљудин Алити. Веднаш го прашавме зошто уште се работи на објектот ако е позната изјавата на градоначалникот на Чаир дека објектот е дивоградба и ќе се урива? Одговор од другата страна немаше, туку Алити го прекина разговорот. А градоначалникот Висар Ганиу пак изутрината беше на состанок, така ни рече лицето, кое се јави на неговиот телефон кога го побаравме. До овие вести Ганиу не не удостои со повик.
Инаку за него, објектот пред 20-тина дена беше легален. Ганиу тврдеше се гради според издадената дозвола, така потврдиле и општинските инспектори. Ама пред само 5 дена го смени мислењето. Одеднаш изјави дека е дивоградба па најави и нејзино уривање за почетокот на оваа недела. За дел од медиумите објаснил дека сопственикот е известен за уривањето.
На потег сега е Државниот градежен инспекторат кој треба да утврди дали објектот кој што се гради кај трговскиот центар „Мавровка“ е законски или не. Од Инспекцискиот совет на 16 јули испратиле налог до нив да излезат на терен со градежни инспектори од Општина Чаир и да спроведат заеднички надзор.
Први кои дошле на терен комуналните инспектори на Град Скопје да видат што се гради на местото каде што изгоре угостителски објект. Констатирале градежни работи, но немаат ингеренции за повеќе, па ги алармирале другите институции.
Викторија Миткова