Во Србија вакцинацијата почна, прва се вакцинираше премиерката Брнабиќ

Србија е првата земја во регионот која веќе ја почна вакцинацијата против ковид 19. Со вакцините на Фајзер, официјален Белград прво ќе ги имунизира лицата кои се згрижени во старечките домови.Прва се имунизираше премиерката Ана Брнабиќ . Според неа, вакцинацијата претставува почеток на крајот на коронавирусот.

“Денес е дефинитивно ден за насмевка. Конечно по 6 март, можеби за прв пат сега имаме причина да се насмееме. Како претседател на владата и како некој што го води кризниот штаб, чувствував обврска прва да ја примам вакцината за да покажам дека ние веруваме во оваа вакцина и во нашите институции.“ – изјави премиерката Ана Брнабиќ.

После Брнабиќ, вакцината  ја прими и министерката за труд и социјала Дарија Кисиќ Тепавќевиќ. Таа кажа дека сака да биде пример за сите граѓани.

“Да се створи имунитет потребни се две дози и седум дена после другата доза за да се створи имунитетот. “ – вели Дарија Кисиќ Тепавќевиќ, министерка за труд и социјала.

Во друштво со државниот врв се имунизираше и познатиот српски епидемиолог Предграг Кон.

Од соседите, Бугарија и Грција вакцините ќе почнат да ги аплицираат на 27 декември заедно со целата ЕУ. Бугарските власти информираат дека во првата пратка ќе добијат доволно дози за да ги аплицираат на 5.000 луѓе. Бугарија најави дека дел од вакцините ќе и донира на Македонија, но на колку од овие најавени дози земјава може да се надева се уште не се знае. Македонските власти досега не покажаа доволна увереност дека Македонија ќе ја добие вакцината во скоро време.

Соседна Албанија е во речи си идентична состојба како и Македонија со таа разлика што официјалниот став на албанските власти е дека вакцинацијата ќе почне во наредните 6 месеци.  Додека, Хрватска и Словенија почнуваат со вакцинирање заедно со целата ЕУ на крајот од оваа недела.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста