Во Србија стигнаа и руските вакцини, кај нас нема ниту една

40.000 дози од руската вакцина Спутник утрово стигнаа на аеродромот во Белград. Набавката ја договорил српскиот министер за иновации кој лично бил на разговори кај производителот во Москва.

„Пред помалку од 15 часа овие вакцини беа во фабриката Генериум во Владимирската област. Со поддршка на целата српска Влада, оние кои се тука во Белград и тие кои се уште се во Москва, вакцините стигнаа во Белград. Тоа беше сериозен логистички зафат за да се добијат сите дозволи кои инаку се чекаат и по седум дена. Ова е само прва количина од 40.000 дози од вкупно 2 милиони вакцини кои во Србија ќе стигнат во февруари и март“, рече министерот за иновации на Србија, Ненад Поповиќ.

А каде е Македонија? Најави за набавка на вакцини има уште од Октомври. Се споменуваат три механизми – Ковакс системот за кој се погласно се зборува дека нема да ги исполни ветувањата бидејќи му недостигаат финансиски средства. Директни набавки од производителите начелно се договорени, но без писмени гаранции. Македонските власти помош побараа и од соседите. Грција и Бугарија прво ветија дека ќе споделат од секоја примена пратка, но не испорачаа. Надлежните во земјава ги правдаа оти и тие не добиле онолку колку што очекувале. Српските власти се сожалија и одвоија 8000 дози од вакцините на Фајзер, но и нив ги нема во Македонија. Проблем прво беше домашната законска регулатива, но откако ова прашање се затвори со интервентен увоз, сега од министерството за здравство се правдаат дека Србија се уште немала дозвола од производителот во САД да ни ги испорача вакцините. Од Министерството за здравство нема конкретен одговор кога ќе стигнат српските вакцини.

„Наша цел е вакцинацијата која во нашата земја ќе започне во февруари да има континуитет. Не постојат никакви законски пречки која било вакцина против Ковид 19 да се увезе во нашата земја“, велат од Министерството за здравство.

Како давеник за сламка, Македонија спас побара кај Кина – со кинеските производители договорена била набавка на 200.000 вакцини. И за нив нема прецизна временска рамка кога би стигнале во земјава.

Во меѓувреме, државниот врв се заплетка во низата оправдувања зошто Македонија остана последна во окружувањето каде имунизацијата против ковид 19 се уште не е започната. За премиерот Зоран Заев, Македонија била евроатлански ориентирана и затоа вакцини не се барале од азиските земји. Министерката за одбрана Шекеринска, пак рече оти властите во земјава одамна ќе купеле вакцини, но не сакале граѓаните да се чувствуваат како заморчиња.

Инаку, ЕУ веќе се соочува со проблеми со испораката на вакцините. Зголемената побарувачка го забави процесот на производство, а Европската комисија најави и тужби за компаниите.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста