Во Србија пристигнаа еден милион вакцини од Кина – кога ќе има и кај нас?

Еден милион вакцини на кинескиот производител „Синофарм“ утрово стигнаа на аеродромот во Белград. Со ова Србија стана првата земја во Европа која ќе го имунизара населението со кинеската вакцина против Ковид 19. Прв вакцината ќе ја прими српскиот претседател Александар Вучиќ, а во приоритетната група за вакцинирање ќе бидат вклучени и новинарите.

„Со еден милион дози ние ќе вакцинираме 500.000 луѓе. Тоа е голем пресврт во борбата против корона вирусот и голем чекор напред. Горд сум на раководството во Србија, на луѓето во Владата и на специјалните тимови, кои се бореа и ништо не оставија на случајност и затоа Србија е една од ретките земји која може да се пофали со толкав број на вакцини“, рече претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Србија прва во Европа ги доби и вакцините на Фајзер. Близу 5000 дози во првата пратка, а останатите 20.000 дози од овој производител земјата ќе ги добие в понеделник. Србите на располагање на имаат и руската вакцина „Спутник В“. Првите 2400 дози ги добија околу Нова Година, а уште 250.000 очекуваат наскоро. Властите во Србија најавија дека до Јуни очекуваат во земјата да има избор од најмалку 5 вакцини од различни производители. Земјата веќе преговара и со производителот АстраЗенека.

Но, каде е Македонија? Земјава е единствената во окружувањето каде вакцинацијата против Ковид 19 се уште не е почната. Надлежните уверуваат дека првите дози од вакцината на „Фајзер“, порачани директно од производителот, ќе стигнат во Февруари. Истиот месец се очекуваат и првите вакцини преку Ковакс механизмот, од каде земјава треба да добие вкупно 830.000 вакцини во повеќе фази.

Владата минатата година се пофали дека добиле ветување од Грција и Бугарија дека од секоја пратка во нивните земји ќе споделат вакцини и во Македонија, што не се случи. Откако извисивме надлежните се правдаа дека ниту соседите не добиле онолку дози колку што очекувале.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста