Во Словенија почнуваат со работа фабрики, работилници и продавници

Десетина илјади работници во словенечките фирми, фабрики, продавници и работилници утре ќе се вратат на работа, по повеќенеделната забрана за работа поради коронавирусот.

Утре повторно ќе отворат неколку поголеми фабрики, како и автомеханичарските работилници, вукланизерите, поголемите градилишта и продавниците за градежен материјал и бела техника, пренесува Макфакс.

Одговорноста за сигурна работа е кај работодавачите кои мора да се организираат според препораките на властите.

Синдикатите апелираа до владата уште еднаш да ги прецизира упатствата за да се осигура здравјето на работниците, наместо да се ризикува во корист на капиталот.

„Ако е потребно, ја повикуваме владата привремено да ги запре сите работи кои не се нужни за функционирање на државата“, порачаа синдикатите.

Според официјалните податоци, бројот на заболени во Словенија опаѓа. Од 554 тестирани вчера само седум биле позитивни на Ковид-19.

Вкупно се заболени 1.212 луѓе, починале 55, а излекувани се 152.

Во последните денови бројот на новозаболени е помал во однос на повеќе од 20 дневно колку што биле на почетокот во април, што според епидемиолозите, укажува на тренд на намалување на епидемијата.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста