Во САД утре почнува Супербол

Берберницата на Мартин Гонзалес се наоѓа веднаш спроти стадионот Софај каде ќе се игра овогодинешниот Супербоул.

Нема да работиме во недела и понеделник, но веројатно ќе бидеме тука само да се дружиме и да видиме за што се работи! Сопственикот на земјиштето овде се обидува да ги продаде местата за паркинг, така што ќе биде најверојатно тешко да дојдеме овде“, вели тој.

И, додека некои изнајмуваат паркинг места, други ги објавуваат своите станови на Ер би ен би и наплаќаат стотици или дури илјадници долари за еден ден сместување. Цените на недвижностите во предградието на Лос Анџелес, Инглвуд, каде што се наоѓа стадионот, исто така се зголемија во изминатите неколку недели.

„Тоа е смешно, но му носи поголема вредност на градот… Инглвуд навистина не е такво скапо место, но сега е!”, додава Гонзалес.

Софај е домашниот стадион на Лос Анџелес Рамс кој заврши во овогодинешното финале на Супербоул. Тие ќе се борат со Синсинати Бенгалс за шампионската титула. Билетите за настанот може да достигнат и до 60.000 долари за едно место, додека паркирањето во близина на стадионот ќе ги чини навивачите од 400 до 6.000 долари. Но, овие цени не ја намалија возбудата.

„Ова е првото нешто што се враќа по долго време што се однесува до некоја забава на отворено… Ова е многу возбудливо да се види и многу сум среќен поради тоа! Може да ублажи дел од… претпоставувам дека може да се каже пандемичниот замор!“, вели еден жител на Ингелвуд.

Фудбалските фанови кои доаѓаат во Лос Анџелес ќе генерираат околу 500 милиони долари профит за градот. Нешто што ги возбудува локалните бизниси.

„Очекуваме голема гужва, многу клиенти! Имаме лимон, чоколадо, ванила… Имаме многу нарачки за исполнување! Навистина е возбудливо – прекумерно, но сепак возбудливо!“, вели вработена во приватна компанија.

Инглвуд спроведе засилени безбедносни мерки додека градот се подготвува за бранот туристи во текот на викендот. Во недела тука ќе настапат Еминем и Снуп Дог на полувремето. Емитувањето на национално ниво за просечна цена за реклама од 30 секунди ќе ги чини компаниите 6,5 милиони долари – околу еден милион долари повеќе од минатата година.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста